„Го сакам Водно“: Со кого се договорил „МЕР“ за работите на гасоводот на Водно?

Со кои граѓански активисти „Македонски енергетски ресурси“ постигнала согласност за да бидат дел од мониторингот на изведбата гасоводот низ Парк шумата Водно? Ова прашање се поставува откако граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ демантираше дека постигнале согласност со МЕР. Тие тврдат дека Владата и директорот на МЕР, Бајрам Реџепи ја лажат јавноста.
-Во потполност ја демантираме информацијата дека со граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“ е постигната согласност… не сме дел од работните групи за мониторинг на изведбата на целиот проект. Ширење лажни вести како официјално соопштение е сепак пострашно од „fake news“, нели Миле Бошњаковски и Бајрам Реџепи? Освен, ако нема некои нови, преку ноќ одгледани граѓански активисти, реагираат од „Го сакам Водно“.

Претходно, од МЕР соопштија дека се согласиле со граѓанските активисти и дека тие ќе ја надгледуваат изведбата на целиот проект, посочувајќи дека активностите за изградба на магистралниот гасовод продолжиле од понеделникот.

Од „Го сакам Водно“ пак велат дека активностите на терен се започнати „празнично“, односно во текот на вчерашниот ден.

Градежните работи на Водно за изградба на гасоводот, по притисокот на граѓанските иницијативи беа астопирани на 31 август. Тогаш од Владата, Град Скопје и МЕР најавија дека со јавни дебати ќе се најде заедничко решение.

На двете дебати, одржани минитиот месец, не се најде „заеднички јазик“. Активистите побараа да се промени трасата за изградба на гасоводот од другата страна на Водно, а претставниците на власта ги убедуваа дека промена на трасата не може да има и дека тие направиле многу измени во планот за градба со кои се намалува зеленилото кое ќе се сече.