Главниот уредник на Канал 5 прв новинар заразен од коронавирус во Македонија, Заев и Мицкоски во изолација

Главниот уредник на Канал 5 Гоце Михајлоски е првиот заразен новинар од коронавирусот во Македонија, потврдија од телевизијата. Како што велат во своето писмено соопштение, првиот тест кој Михајлоски го направил на  7 април бил негативен, за два дена подоцна вториот да излезе позитивен.

Викендот на 28 и 29 март, тој бил во посета на своите родители во Прилеп, од каде се вратил и наредниот ден продолжил нормално со својата работа. Откако се појавиле симптомите на Ковид 19 на 5 април, веднаш го напуштил своето работно место.

-Во четврток, 09.04.2020 колегата Михајловски заминува во Воена болница , каде е примен, а утринава не информираше дека сепак е позитивен на Ковид-19. Во насока на следење на препораките за заштита при работа од корона вирусот, последниве неколку недели Канал 5 донесе одлука да сите вработени кои можат да го изведуваат работниот процес од дома, тоа и да го прават, велат од Канал 5 телевизија.

Михајлоски кој до пред четири дена немал никакви симптоми на Ковид 19, како што соопштуваат од Канал 5, минатата недела имаше интервјуа со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Ова на денешната вонредна прес конференција го потврди и министерот Венко Филипче, кој кажа дека и двајцата наредните две недели ќе ги поминат во самоизолација.

-Новинарот е во стабилна здравствена состојба, во моментов е на лекување во болницата 8-ми септември. Во текот на утрото и денот ќе се направат анкети и со точниот наод и бројка на лицата што ќе одат во самоизолација, доколку за тоа има потреба ќе евалуираат епидемиолозите, изјави Филипче.

Лидерот на опозицијата како што соопшти на Фејсбук во текот на вчерашниот ден се тестирал и резултатите се негативни. Мицкоски вели дека е во одлична физичка и здравствена состојба, потенцирајќи дека ќе ги почитува препораките на здравствените лица и наредниот период ќе остане во изолација. Изрази надеж за брзо закрепнување на новинарот и негово брзо враќање на работното место.

-И понатаму активно ќе се бориме против пандемијата која донесе тешка здравствена, санитарна и економска криза. Сигурен сум дека на крајот заеднички ќе победиме затоа што секој живот вреди и затоа што ја сакаме Македонија. Бидете живи и здрави, напиша Мицкоски на Фејсбук.

На Фејсбук се огласи и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за кој се уште се чекаат резултатите од тестирањето. Вели нема никакви симптоми, но и тој наредните две недели ќе ги помине во изолација.

-Согласно сите протоколи, од денеска сум во самоизолација во мојот дом во Струмица. Немам симптоми, денеска се тестирав за присуство на вирусот и резултатите ги очекуваме во текот на денот – по што ќе се утврдат следните чекори, напиша Заев на Фејсбук.

Од Канал 5 известуваат дека во емисијата Само интервју, каде гости беа Мицкоски и Заев биле запазени сите протоколи за заштита од ширење на коронавирусот.

Алфа телевизија му посакува што побрзо оздравување на колегата Гоце Михајлоски и брзо враќање на секојдневните работи задачи.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста