Главниот штаб за управување со кризи го разгледува планот за обезбедување од МЗ

Припадници на Армијата без оружје ќе обезбедуваат објекти во државава за време на 30 дневната кризна состојба. Главниот штаб за управување со кризи одржа седница на која се разгледуваа повеќе точки на кој начин и колку војници ќе помагаат во справување со пандемијата. Армијата заедно со полицијата ќе обезбедува здравствени објекти и магацини од делот на здравството во кои се чуваат лекови, опрема и друг медицински материјал. Во истите објекти, ќе помага и во контрола дали се почитуваат мерките за заштита, доколку е потребно. Директорот на Центарот за управување со кризи ги смирува граѓаните. Вели, ова не значи дека јавниот ред и мир е нарушен, значи дека превентивно ќе се дејствува за сите да се чувствуваат безбедно.

Полицискиот и армискиот персонал нема да биде само обезбедување, едноставно ќе го помага здравствениот систем. Никој таму не е нападнат, нема да се шетаат со оружје, тие служат да помагаат на граѓаните да се одржува редот за да можат непречено да функционираат здравствените работници – изјави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов

Министерот за внатрешни работи Спасовски најави дека денеска Управувачкиот комитет ќе го утврдува акцискиот план за справување со кризната состојба предложен од Кризниот штаб.

Во акцискиот план ќе бидат наведени сите активности на државните органи кои ќе ги преземаат за справување со ситуацијата. Во планот ќе биде ставено кои објекти ќе треба да имаат дополнително обезбедување и употребата на ресурсите за справување со кризата – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

По утврдување на акцискиот план, истиот треба да помине на седница на Влада, дури потоа, претседателот Пендаровски ќе нареди употреба на Армијата. Војниците само ќе и асистираат на полицијата и не смее самостојно да презема дејствија без полициски службеници.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста