Гир очекува почеток на преговорите до крајот на годината,но не објасни како да се тргне бугарското вето

Нови ветувања за преговори, но без основа. По европската комисија, денеска и евроамбасадорот Дејвид Гир ирази надеж дека до крајот на годината ќе се одржи првата меѓувладина конференција, со што практично би се означил почетокот на преговорите на Македонија со Унијата. Но, не објасни на што ги темели овие оптимистички најави ако се има в предвид дека Бугарското вето засега останува зацементирано во Брисел, а во преговорите меѓу Скопје и Софија нема никакви поместувања.

Јасно е дека има одлука да се почнат преговори. И сите треба да се потрудат да работиме на тоа. Сега се надеваме до крајот на годината и во иднина и да продолжиме со работа како што се отвораат групи поглавја, како што се водат преговорите, но не сакам да шпекулирам што ќе правиме за година или две. Сега се концентрираме да го реализираме ова до крајот на годината, истакна Гир.

Тој ги повтори ставовите на европската комисија од последниот извештај, во кои се вели дека Македонија ги исполнето условите за преговори, но нема ниту збор за спорот со Бугарија. Дека ветото што го испорача Софија останува главна пречка призна и вицепремиерот Димитров.

Во реалноста мислам дека тој прозорец е крајот на оваа година, самиот почекот на идната. Можеби ако не се успее со словенечкото претседателство, можеби да има мал простор со следното француско претседателство, но влегуваме во водите што ако..  ЕУ одлучува со консензус. Сите 27 членки во март се согласија, но една, Бугарија оневозможува да се одобри преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција. Ова влијае и на нас, на македонско-бугарските односи и на политиката на ЕУ кон регионот, бидејќи тоа е каква порака се испраќа“, рече Димитров.

Вчера откако го презентираше извештајот на Комисијата, посочи дека е потребна и поголема решеност и од двете земји за да се придвижат напред. Бугарските европратеници, Ковачев и Џамбаски,  пред Вархеји тврдеа дека Македонија ги кршела човековите права, ширела говор на омраза и се уште се држела до политиките на Титовата Југославија.Според Ковачев Унијата треба да ги започне веднаш преговорите со Албанија, место да ја чекаат Македонија да го реши спорот.Но не е проблем само спорот со источниот сосед. Последниот извештај на Комисијата, покажува дека Македонија има ограничен напредок во слободата на изразување, судскиот систем е „умерено подготвен“ за влез во Унијата, исто како и борбата против корупцијата и криминалот. Оценките на Комисијата се генерално позитивни за политичкиот амбиент, но не се регистрирани сериозни подобрувања. Во врска, пак, со условите во затворите, од Македонија се бара да ги подобри, но и да ги зајакне алтернативите за затворски казни.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста