Гевгелија во криза без своите муштерии од соседството

Празно и без сообраќај, освен на товарни возила е на граничните премини „Богородица“ и „Евзони“ – забележа на терен камерата на Алфа. Корона кризата драстично го намали приливот на Грчките државјани во Гевгелија, кои се од големо значење за развојот на локалната економија.

Од надлежните на ГП Богородица немаше кој да зборува пред камерата на Алфа, но информираат дека низ овој премин во првата половина на месец јули, влегле 11.818 грчки државјани, или дневно по 700. Во Гевгелија некогаш, за викенд, бројката достигнуваше и до 8.000 дневно, сега, во време на корона кризата, оваа бројка веќе со месеци ја нема.

Се поголемиот број на заразени во земјава ги исплаши нашите соседи, кои секојдневието го поминуваа на југот во Македонија на шопинг, на стоматолог, во казината, полнеа бензин, уживаа во македонската кујна и користеа козметички услуги.

Претходно за Алфа се пожалија приватните сопственици од Гевгелија. Најсилно погодени од корона кризата се стоматолозите, кои велат дека, бројот на пациенти од кои најголем дел се Грци, драстично им се намалил. Грците сѐ уште стравуваат да доаѓаат во Македонија, откако таа е на црната листа на земји кои треба да се избегнуваат поради големиот број заразени од Ковид 19.

Приватните сопственици од Гевгелија стравуваат дека ќе биде уште полошо поради најавениот нов бран на Ковид 19.

Дијана Тасева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста