Героски: Петмина блиски луѓе на Заев ја менаџирале аферата “Рекет”

 

Блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ,многу важен советник на Заев од странска земја, еден интелектуалец, познат новинар и човек од најголема доверба на екс премиерот се вмешани во Рекет, пишува новинарот Бранко Героски. Тоа според него ќе стане јасно ако, како што вели во последниот текст пропеат, Бојан Јовановски, Фросина Ременски и Катица Јанева. Првите двајца според Героски најавиле дека нема да молчат. Овие лица според Героски кој ги исцртува контурите на операцијата “Рекет” ги воспоставиле линковите меѓу Боки – 13 и специјалната обвинителка. Советникот од странство според пишувањата на Героски го менаџирал раководењето со парите собрани од рекетот. Подоцна откако државниот врв сфатил дека под негово покровителство се рекетираат милиони во контролата се вклучил човекот од најголема доверба на Заев без кого не може да се стокми ниту еден голем бизнис во земјата и кој не седнува на маса без аванс од извесна сума на евра без оглед на зделката, пишува Героски. Тој во текстот вели дека е невозможно толку блиски ссоработници на доскорешниот премиер да бидат дел од вакви операции, а Заев да не е запознаен за тоа.

“Создавањето на тој неверојатен рекетарски тандем, според моите информации, е дело на најмалку четири лика: носител на акцијата е блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ (која, како што слушам, после изборите планира евакуација од извршната власт), идеолог е еден наш познат интелектуалец кој остварува значајна блискост со Јанева веднаш по нејзиното назначување, човек за врска е еден наш познат новинар кој е близок и со неа и со Боки, а целата операција сепак не можела да помине без знаење на самиот Заев”, пишува Героски.

Новинарот исто така пишува дека веројатно Боки 13 сфатил дека ќе се најде во улога на жртвено јагне и со последните сведочења одлучил да посочи на вистинските виновници. Од истото се плашела и Фросина Ременски која не сакала врз нејзини плеќи да падне целиот товар како третообвинета за случајот “Meѓународен сојуз”.

Испровоцирани од пишувањата на Героски некои и се пронајдоа во неговите тези па јавно го прашаа дали тврдењата се однесуваат на нив. Сашо Ордановски на Фејсбук го праша дали е тој новинарот за кого пишува. Героски му одговори дека никого не инкриминира па ни него и дека ќе дојде време кога препознавањата ќе се случат на легален и легитимен начин.

Ацо Кабранов пак изреагира на тврдењата на Героски дека странскиот советник имал клучна улога во екипирањето на тимот на телевизијата на Боки-13 во која Кабранов беше главен уредник.  Поранешниот уредник на 1 тв смета дека Героски постапил неколегијално и ги негира неговите тврдења.

И други новинарски пера на социјалните мрежи изнесоа свои сознанија за Рекет. Новинарот Боби Христов прашува дали се случила средба во вип салонот на аеродромот во Белград меѓу двајца поборници за вистината за овој случај и еден битен актер.

Героски прв почна да пишува за аферата Рекет уште летоска. Со псевдоними алудираше на високи функционери инволвирани во најголемиот скандал во последно време во кој се рекетираат македонски бизнисмени.

Засега нема официјална информација од обвинителството дали тврдењата на Героски ќе бидат доволни за проширување на истрагата и нови обвиненија за Рекет.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста