Героски: „Човек со брада“ месечно земал рекет од „Дијамед“ во име на Дончев

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Доччев преку „брадест посредник“ на месечно ниво изнудувал пари од фирмата „Дијамед“, за нормално да течат исплатите од државата за услугите за дијализа, објави порталот „Плус инфо“.

-Засегнатата изрекетирана странка редовно, уредно, на месечно ниво, исплаќала пари под притисок, за нормално да течат исплатите од здравствената каса за услугите за дијализа. Странката изјавила дека морала да плаќа рекет, за да не им се случи „црно сценарио“, што наводно Ден Дончев им го најавувал преку посредник. Зборуваме, значи, за пари кои завршувале во нечиј џеб, за редовни исплати при што како посредник се јавувал „човекот со брада“. Неофицијално дознавам дека засегнатата странка го посочила и идентитетот на „човекот со брада“, изјавувајќи дека станува збор за влијателно свештено лице, кое често може да се види во високи кругови на естаблишментот, пишува новинарот Бранко Героски, кој првично објави за аферата „Рекет 2 “.

Тој коментира оти Премиерот Заев кој откако Јавното обвинителство отвори предмет за случајот, застана во одбрана на Директорот Дончев, не смее да се меша во истраги и судски постапки. Не смее премиер однапред да предвидува исход на истите, бидејќи со најавата оти замрзнатите 11 милиони евра на сметките на македонската компанија „Диамед“, легално заработени од продажбата на бизнисот со дијализа на шведски „Диаверум“, ќе се впишат во фамозниот бројчаник поставен среде Скопје како вратени пари.

-Ги спомна кутриот Заев, во надеж некого да убеди дека токму тие пари ќе го придвижат бројчаникот кој никогаш и не проработе, чиј механизам одамна за’рѓа, на општо разочарување на народот, на кого му беа ветени правда и мир. И сѐ ќе беше во ред со таа изјава, а истовремено и ништо немаше да биде во ред, доколку Заев беше обвинител, истражител или Шерлок Холмс. Но, Заев нема право да ја коментира истражната постапка за овој случај, а камоли да го прејудицира нејзиниот исход, се наведува во текстот.

За аферата „Рекет 2“ јавноста дозна откако Вера Иванова, бизнисменката која го продаде „Дијамед“поднесе кривична пријава против Дончев и Филипче, а подоцна и против Зоран Милески – Кичеец, кој е осомничен и во „Рекет“ заедно со Боки 13 и Катица Јанева. Јавното обвинителство се уште истражува дали Дончев и Филипче направиле злоупотреба на службената должност, и дали со своите постапки ја оштетиле Иванова, со цел да извлечат лична корист од самата зделка.

Сања Трајковска Ставров