Германски инвеститори: економијата ќе трпи поради корона, производството паѓа, откази ќе нема

Македонската економија ќе трпи поради коронавирусот, но бизнисмените се надеваат дека тоа ќе биде само привремено. Дел од фирмите веќе имаат проблеми, нивните партнери од странство ги намалиле порачките, репроматеријалите доцнат, производството паѓа. Некои ја укинале третата смена и ги распоредиле работниците во другите смени. Сепак, отпуштања на работници ќе нема, децидни се германските инвеститори. Директорот на германската стопанска комора тврди дека имаат сценарио како да се справат со вакви кризи.
„Кај мал дел од компаниите ќе се почувствуваат последиците, но тоа не значи, во никој случај дека ќе има намалување на бројот на работни места. Во културата на германските инвеститори е тие да имаат план за криза. Го ценат својот персонал. Во исто време имаме недостаток на квалификуван персонал и во момент кога имаме намалено производство, ќе го задржиме својот персонал, сметајќи дека кризата брзо ќе се надмине“ – вели Патрик Мартенс, директор на Делегација на германското стопанство во Македонија.
Германците не коментираат колку коронавирусот може да го намали економскиот раст на земјава. Се надеваат дека застојот во стопанството нема да потрае.
Има и компании кои во вакви ситуации тријат раце. Масовно заработуваат маркетите и фирмите што продаваат маски, сапуни, антибактериски марамчиња, лекови и слично. Граѓаните и лекарите алармираат, освен што маски ретко каде можат да се купат, цените за само неколку дена се покачени и над 100%.
Поради стравот од вирусот и Македонската берза неколку денови е во минус. Индексот МБИ 10 денеска заврши со пад од 2,31%. Вчера падна за 3,18%, а во вторникот за 1,67 отсто. Сепак, додека некој губи пари, има и инвеститори кои ја користат оваа можност за да купат акции по ниски цени. Светските берзи и натаму се во црвено, акциите губат на вредност, кинеската економија бара начин како пак да застане на нозе, а странските компании во Кина се жалат дека приходите ќе им се намалат и до 50%.
Тања Попова