Германија ги крена рампите и за македонските работници – колку луѓе ќе ја напуштат државава?

Германија ги крена рампите и за македонските работници. Од денеска стапува на сила новиот Закон за доселување на стручни работници за земји кои не се членки на Европската Унија. Бизнисмените се свесни дека квалификуваните работници полека си заминуваат од Македонија. Велат дека прават напори за добар дел да ги задржат, но сепак ветената земја како со магнет да ги привлекува не само Македонците, туку и добар дел на работниците од земјите од Западен Балкан. Најмногу се бараат градежници, молери, електричари, но и медицински персонал.

Добрата заработувачка, но и живеачката се главен мотив за работниците. Бизнисмените алармираат дека процесот на купување на билети во еден правец е започнат, и државата мора сериозно да поработи на овој проблем, ако не сака да останеме без стручен кадар.

Само преку инвестиции и обука на кадарот компаниите можат да се справат со одливот на високостручен кадар во странство, изјави Ристо Јаневски, претседател на Здружението за енергетика на Стопанската комора коментирајќи ги обидите на Германија преку најразлични олеснувања да привлече кадар кој им недостига на тамошните компании.

Тој на денешната прес-конференција во Kомората зборувајќи за новата методологија за препознавање на знаењата на вработените во градежништвото посочи дека проблемот со одливот на кадар настанува кога компаниите од градежништвото немаат работа.

– Процесот на одлив на кадар е започнат и ќе трае, но мислам дека најголем мотиватор за работниците и инженерите да останат во земјата не се само платите, тоа се инвестициите преку кои работниците добиваат ангажман, рече Јаневски.

Власта е запознаена со процесот на иселување. И натаму тврди дека прави напори околу раст на платите за работниците, со цел спречат да заминат во странство. Но реалноста, според работниците, е тоа што ретко кој земал висока плата.

– Посветено работиме на подобрување на усовите за младите во државата. Со Гаранција за млади лани се вработија над 6.000 лица, носиме мерки со кои ги стимулираме младите да работат во реалниот сектор, изјави вицепрмиерката Мила Царовска.

Од друга страна бизнисмените тврдат дека за да се задржат младите не се проблем само платите, туку целокупното општествено опкружување. Засега нема точна бројка колку работници би заминале, но газдите се свесни дека одливот ќе биде голем.

Со новата регулатива се предвидува процесот на издавање на виза за квалификуваниот кадар да трае од 4 до 6 недели. Секој кој има договор за работа или понуда ќе добие дозвола за престој на четири години или колку што трае договорот за работа. Потоа квалификуваните можат трајно да се населат во државата.

Според статистиките, Германија годишно издава до 10.000 визи и дозволи за работа за македонските работници, иако за сега нема точна бројка колку нелегално работат таму.

Инаку, освен во Германија последниве години доста Македонци заминуваат на работа и во Хрватска, каде главно се бараат работници од угостителската дејност.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста