Георгиев за Алфа: Државата не прави ништо за инвалидните лица, па дури и ми го одзедоа електромоторот кој ми следува

„За жал инвалидните лица немаат никаков пристап кон институциите. После сообраќајката, еве ме, останав инвалид. И згора на се кога барав другари да ме однесат во државна болница, не можевме да влеземе внатре, зашто нема пристап“.

Со овие зборови, 38 годишниот Благојчо Георгиев од Битола, ја илустрира, за жал болната вистина за инвалидните лица во Македонија, зашто како што вели, и она малку што им останало им го одзела државата. Тој е буквално жртва на Фејсбук статус.

Имено власта уште пред година и пол му донирала електричниот скутер за да се движи надвор, па му го одзеле, само зашто на Фејсбук пишал дека државата не доволно се грижи за лицата со инвалидност. Вели дека е срамота, но и греота, кога премиерот Зоран Заев и СДСМ јавно се пофалиле дека му дале електромотор, а потоа му ја побарале назад.

– Ова е документот, дека СОС Балкан медиа од Охрид, тоа е здружение за еднаква застапеност на лица со посебни потреби на медиумите, но интересно има посебна благодарност до помагателите, како што се екс премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, и од кога ми ја дадоа количката и потоа пишав пишав статус дека се во државата не е како што треба, почнав да бидам мета на напади, како сум можел да ја навредувам власта, не сум бил благодарен итн, раскажува Георгиев за Алфа.

Но ова не е се. Одземен му е надоместокот за туѓа нега.

– Мене лично ми беше укината туѓата нега, зашто не сум запазил рок, што по автоматизам треба да се продолжи, раскажува Георгиев за Алфа.

Георгиев ја кажа и маката на глувонемите, кои не можеле редовно да го запазуваат рокот во Социјално за да ги продолжат документите.

– Што им е тешко да се јават и да кажат дека треба да се обнови документацијата, вели Георгиев.

Лицата коишто не се соочуваат со инвалидност не можат да замислат дека само една рампа може целосно да му го промени животот на лицето со инвалидност, вели Георгиев.

– Ова е страшно што ни се дешава. Ова е идиотски, како може инвалид човек да го тераш да запазува рок, а тој сам по себе нее способен да го прави тоа. Што му е тешко на социјалниот работник да се јави на телефон и да заврши работа, сепак тоа му е дожност кога седи во канцеларија, се пожали Георгиев.

На заминување ни кажа дека и натаму ќе се бори за подобрување на животот на сите инвалиди. Си замина, со оваа собна количка со која и дојде, со надеж дека работите ќе мрднат од мртва точка.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста