Генерален штрајк на СОНК – од 11 април нема да се згрижуваат и образуваат децата во градинките и училиштата

Од 11 април генерален штрајк започнуваат вработените во градинките и училиштата. Од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура децидни – додека Владата не ги усогласи платите со минималната, нема да се откажат од прекин на воспитно образовниот процес. Негувателките и воспитувачките нема да ги згрижуваат дечињата во градинка, а наставниците и професорите нема да оддржуваат настава.

-Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес, информираше претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Синдикатот бара платите во образованието да одат нагоре за 18,5 отсто и во иднина минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицентите на сложеност на работните позиции.

-Во случај кога работниците се во штрајк, ние не велиме – не ги носете децата, меѓутоа немаме одговорност кон родителите коишто ќе ги донесат децата. Кој ќе биде со децата ние не одговараме. Одговорите треба да се побараат од Министерството за труд и социјална политика или, евентуално, од директорите коишто имаат надлежност да ги организираат активностите во градинката. Апсолутно мнозинство  од 100 проценти изјаснување во градинките за штрајк досега не сме имале. Сме имале изјаснување за штрајк, но се примале деца и штрајкот за кој се согласиле не бил спроведен и тоа не носи резултати. Затоа сега имаме негувателки кои работат со 30-35 деца во група, што е над нормативот, на кои е невозможно истовремено да им се посвети внимание,  а земаат плата  18.800 денари. Така не може да биде и затоа луѓето се револтирани, рече претседателот на СОНК.

СОНК вчера беше на средба во Владата, која заврши безуспешно за синдикатот. Од Владата пак уверени дека дијалогот продолжува со цел да се изнајдат издржливи решенија. За СОНК не постои друго решение освен исполување на нивните барања.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста