Гасот ќе донесе пониски сметки за струја и греење, но по 4 години

Употребата на гас како енергенс ќе донесе пониски сметки за струја и греење, но дури по 4 години. Додека граѓаните со децении чекаат на гасификација на земјава, министерството за економија вчера го објави јавниот оглас за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас. Надлежните очекуваат интерес од инвеститорите кои имаат рок да аплицираат до 9-ти јуни. Договорот треба да се потпише до крајот на годинава.

„Според условите во огласот, заинтересираните инвеститори треба да имаат најмалку 5 години искуство во дистрибуција на природен гас, компанијата која што ќе аплицира на јавниот повик исто така ќе треба да има најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем за дистрибуција,да има дистрибуирано најмалку 3 милијарди м3 , во последните 3 години, и најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните 3 години“

Инвеститорот ќе има обврска во рок од 4 години да изгради најмалку 50% од мрежата во градските или 20% во селските средини. Цената за приклучок ќе изнесува 100 евра, а на семејствата во просек ќе им требаат 1.500 евра за да ги пренаменат апаратите за домаќинство да профункционираат на гас.

„Согласно пресметките за стан од околу 85 квадратни метри во кој живее четиричлено семејство адаптацијата на внатрешните инсталации за примена на природен гас ќе чини околу 1.500 евра, но може да биде и помалку бидејќи има голема конкуренција во регионот за таквите апарати. Покрај тоа, има семејства кои веќе имаат парно греење и ќе треба само да го сменат котелот и да купат шпорет и бојлер на гас. Воведувањето гас, согласно искуствата на соседите за 70 до 75 отсто ќе ги намали сметките за електрична енергија“ – информираше директорот на АД Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи.

Реализацијата на овој проект ќе чини 300 милиони евра, а ќе се спроведува во 3 фази. Изградбата на магистралниот гасовод треба целосно да биде завршена до средина на годинава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста