„Гард“ од институциите за веродостојноста на писмата од Катица Јанева

Сите надлежни институции свесно одбегнуваат да гарантира за автентичноста на писмата испратени од Шутка, на кои стои потписот на притвореничката Катица Јанева. Секоја институција со свое протоколарно оградување, но со многу дилеми, оти Јанева од Шутка не напиша приватни писма, туку со нив стави катанец на милионска институција, која запечати многу човечки судбини. Приказната со писмата почува на 4 септември, кога во јавноста излезе информација дека името на Јанева стои на три писма кои ден претходно стигнале до државниот обвинител Љубомир Јовески и до СЈО.

Од Управата за извршување санкции велат дека протоколот за Јанева да напише писма бил ист како и за другите притвореници.

„Притвореник во истражниот затвор Скопје има право да напише писмо. Процедурата налага да го извести дежурниот чувар кој му дава хартија и пенкало. Писмото го пишува во ќелијата, а потоа го враќа кај чуварот. На писмото му се става архивски број и оди во купот редовна пошта„ – велат од Управа за извршување санкции

Но, дали некој и вршел притисок на Јанева, сама ли била авторка на писмата, или само ставила потпис? Од затворот Скопје со одговор:

„Немаме ангажирано графолог за да вештачи писма на притвореници“.

Посебен безбедносен протокол за писмата на Катица Јанева не постоел. Доставувач од Шутка до Кривичниот суд бил затворскиот чувар.

Писмата на Јанева завршиле на масата на судијата на претходна постапка, на кого пак важно му било дека со содржината од писмата Јанева нема да влијае на постапката за случајот Рекет.

Кривичниот суд вели дека не цензурира писма на притвореници само ги препраќа на посакуваната адреса.

„Судијата на претходна постапка при достава на писмо од лице кое се наоѓа во притвор кон друго лице или институција надвор од казнената установа, во никој случај не утврдува автентичност, туку само утврдува дали содржината на испратеното писмото е поврзано со кривичното дело за кое е определена мерката притвор или друго кривично дело. Автентичноста на писмото ја контролира самата установа во која се издржува мерката притвор бидејќи писмото до судот од притвореното лице се доставува исклучиво преку затворската управа“ велат од ОСС1.

Писмата на Јанева за неполно деноноќие стигнаа на посакуваните адреси, СЈО и Државно обвинителство, но сега веќе испраќачот не е од ќелијата во Шутка, туку институција и тоа Основниот суд Скопје 1.

Содржината и изгледот на писмата на Катица Јанева засега се тајна, но беа причина за неполно деноноќие да се затвори СЈО. Па на Јанева од Шутка и се оствари желбата и како да порача – СЈО, тоа сум јас.

Катерина Гетева