Фудбалерите достоинствено пречекани – фановите им порачаа: Вие сте единствените победници

Македонските фудбалери достоинствено пречекани на скопскиот аеродром – фановите и љубителите на најважната споредна работа во светот им порачаа – и покрај трите порази, вие сте единствените победници. Благодарение на црвено – жолтите, македонската химна за прв пат во историјата се слушна на европската фудбалска сцена.

Група навивачи нетрпеливо чекаа да се сликаат и да добијат автограм од фудбалерите.

Капитенот на македонската репрезентација чиј меч со Холандија беше последен во неговата репрезентативна кариера  оцени – бевме многу блиску, но и многу далеку.

Жал ми е што не освоивме барем еден бод. Бевме многу блиску но и далеку. Овие натпревари се тешки за играње. Имаше многу емоции, луѓето живееа со нас, жал ми е но се надевам дека оваа генерација ќе успее да постигне уште многу повеќе – изјави Горан Пандев.

Впечатокот на дел од спортските новинари е дека можевме повеќе,  но низ квалификациите за Светското првенство во Катар, нашите херои повторно ќе имаат можност  да го покажат својот потенцијал.

Настапите на Европското првенство нималку не наликуваат на мечевите во клупските шампионати кога настапувате со сопствениот клуб. Нормално, дел од репрезентативците ја немаат таа поголема минутажа па тука доаѓа и кондицијата, тоа до оној дел што се однесува на играта, а што се однесува до навивачкиот дел  тоа е навистина посебно доживување. Впечатокот е дека можевме повеќе но еве низ квалификациите за Светското првенство во Катар младата генерација и со далеку поизменет состав ќе има можност да се докаже со својот потенцијал – вели Наташа Станчиќ, спортски новинар во Алфа ТВ.

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски кој уште еднаш го потврди своето заминување од националниот тим истакна дека со задоволство го одработил секој момент на неговата позиција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста