Фрлањето шут и депонирање отпад во Карпош може да ја загади водата од системот „Нерези Лепенец“

Ископи на минерални суровини и депонирање на отпад во режимот на подземни води е апсолутно недозволиво и ќе има далекусежни последици, алармира хидрогеологот Костадин Јованов. Алармот се вклучи откако во јавноста протекоа снимки на кои се гледа како инвеститорите на паркот во Карпош 4, Богоев и Шилегов, во заштитна зона противзаконски вршат ископи длабоки до 10-тина метри во почвата низ која течат подземни водси и депонираат сомнителен отпад. Според Јованов, ваквите активности директно ќе влијаат врз квалитетот на бунарскиот систем „Нерези Лепенец“, а со тоа и врз водата за пиење која стигнува до домовите на жителите од ова подрачје.

„Ако знаеме што значи тој бунарски систем Нерези Лепенец за жителите на Град Скопје, во некои делови повисоки, посебно во Општина Карпош каде што и нема доволно притисок, недостаток на вода, а некој си дозволува такви активности. Другиот елемент којшто е позагрижувачки депонирањето на отпад и шут во ископините, тоа директно ќе влијае на измена на квалитетот на подземните води“, вели дипломираниот инженер хидрогеолог, Костадин Јованов.

Јованов апелира до институциите целосно да ја исчистат почвата од натрупаниот градежен шут, со цел да се намали штетата врз подземните води.

„Да се извади целиот тој шут, песокот не може да се врати да се направи таа природна средина, но со вадењето на шутот може барем колку толку да се интервенира во делот на она што значи заштита на квалитетот на тие подземни води“, вели Јованов.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ, пак, во архивата на локалната самоуправа во Карпош доставија бројни документи од закони кои се однесуваат на заштитното бунарско подрачје, а најавија и тужби. Прашуваат дали и кој се стекнал со противправна имотна корист ископувајќи песок и чакал од локацијата и дали таму се депонирал радиоактивен и канцероген отпад?

„Од нив лесно може да согледа дека бунарското подрачје Нерези Лепенец има три заштитни зони и како што вие сте сведоци целата нивна новосоздадена парк депонија е во втората заштитна зона. Исто така ќе увидат и дека е строго забранет ископ, отстранување на природниот материјал и особено депонирање на ѓубре во дупките што ги ископаа“, вели Тони Јаревски, советник на ВМРО ДПМНЕ во Општина Карпош

Општината пак преку соопштение се правда оти бунарското подрачје било целосно заштитено. Ја повикаа опозицијата доколку располага со докази за наводни злоупотреби околу изведбата на овој парк, да поднесат пријава до надлежните институции.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста