Фрчат огласи за работа во администрација, Манчевски тврди не биле наменски пред избори

Владата призна дека масовно вработува пред избори. Вработувања имало и ќе има – потврди министерот за администрација Дамјан Манчевски. Сепак, според него, сите огласи за ангажирање кадар немале никаква врска со предвремените парламентарни избори и биле во согласност со годишните програми на институциите. Огласи за вработувања ќе имало и да не биле закажани избори – уверува Манчевски.

– Вработувањата ќе продолжат и во иднина и ова се случуваше и кога немаше најавено избори, на крајот на секоја година има раскинување на сите договори на определено време, бидејќи тие се планирани со буџетот за таа година, но оти за следната година доколку институциите имаат потреба, ќе бидат распишани нови огласи за вработување на определено време – рече Манчевски.

Вработувањата во администрацијата, како опозиција , СДСМ жестоко ги критикуваше. Тогаш, партијата речиси секојдневно обвинуваше за секој нововработен службеник, за разлика од сега, кога се брани дека се работело за обновување на договорите на определено време.

Во моментов активни се 60-тина огласи за вработување на нови кадри, а до крајот на ноември имаше 100 огласи за административци. Платите се движат од скромни 17 илјади, па се до 32 илјади денари. Очекувано најголеми плати кои надминуваат 87 илјади денари им се нудат на стручните лица во Агенцијата за цивилно воздухопловство. Најмногу работници бараат во УХМР, Македонски Железници, Државниот просветен инспекторат, Институтот за духовно културно наследство на Албанците. Додека фрчат огласи на сите страни, критики за гломазната администрација редовно стигнуваат од Европската Унија. Реформа на јавната администрација нема, ниту пак, начин како ќе се натераат приватните фирми да ги ангажираат помалку продуктивните кадри од јавниот сектор.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста