Француски дипломати: Преспанскиот договор никогаш не бил услов за Македонија во ЕУ?!

Преспанскиот договор никогаш не ни бил услов за Македонија во ЕУ. Ова француски дипломат го изјави за Македонската информативна агенција.

Франција смета дека тој е од огромна историска важност, но дека тоа “нема никаква поврзаност со процесот на проширување”.

„За нас Преспа нема никаква врска, тоа е историски договор, но не е директно поврзан со процесот на проширување, важен договор е и потребен, но не треба да се очекува дека тој ќе го одблокира процесот на проширување“ – вели францускиот дипломат за МИА.

Конкретно, главните македонски проблеми за Франција се во владеењето на правото и СЈО, кое дури и да се реши до состанокот на министрите идниот вторник, официјален Париз ќе го блокира датумот за Македонија. Со овој став, Франција оди во Луксембург.

Неколку часа пред МИА, веста за извесната француска блокада на датумот ја објави и еминентниот „Ројтерс.“ Ја пренесоа и изјавата на неименуван француски дипломат, кој вели:

„Тие се’ уште не се подготвени. Бараме да сторат дополнителни напори. Преговорите не можат да бидат отворени во октомври 2019-та, ние ќе мораме да ја разгледаме ситуацијата некаде во 2020-та.“

Контра новите моменти и тврдењата на француските дипломати дека Преспанскиот договор нема врска со проширувањето и патот кон ЕУ, нивниот претседател Емануел Макрон пред референдумот во видео пораката за поддршка на Референдумот, датирана на 22 септември 2018-та, тврдеше нешто сосема спротивно.

„Сметам дека истиот има централно место во плановите за иднината на земјата. Тој е и суштината на амбициите за Вашата младина и на тоа што може да го направиме заедно во годините што следат.“ – велеше Макрон во пораката.

Така пред една година говореше Макрон, а денеска францускиот амбасадор Кристијан Тимоние ни порача, да не се фокусираме на датумот, туку на реформите…

„Датумот е една работа, но она што е поважно е принципот и дека одиме заедно. Ние сме мотивирани за тоа“ – изјави амбасадорот Тимоние
И додека Франција очигледно, согласно потребите на нивната надворешна политика го менува ставот околу важноста на Преспанскиот договор и сега без ракавици преку дипломатски брифинзи вели тој дека нема директна врска со влезот во ЕУ, владата на Заев и натаму промената на името, уставот и историјата која е во тек, ги оправдува со токму со влезот во ЕУ и НАТО, кои не се остваруваат според најавените датуми, па дури и години.

За потсетување, референдумското прашање на неуспешното изјаснување од 30-ти септември 2018-та гласеше: „Дали сте за влез во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“

Љупчо Цветановски