Француската Влада со остар став за протестите против цените на горивото кои продолжуваат

Француската Влада синоќа соопшти дека останува на цвртстиот став против какво било нарушување на јавниот ред и мир на протестите против цените на горивата кои се уште траат.

Од вчера на социјалните прежи демонстрантите се повикуваат во сабота да се соберат во Париз.

Претседателот Емануел Макрон им рече на министрите дека мора да бидат „бескомпромисни во одржување на редот“, изјави портпаролот на Владата, Бенжамен Гриво.

Протестите против цените на бензинот и дизелот почнаа во саботата, кога околу 283.000 луѓе низ цела Франција одговорија на повиците на социјалните мрежи да излезат на улиците или да блокираат патишта облечени со жолти елеци. Во протестите досега загинаа две лица.

На островот Реинион во Индискиот Океан до утре останува во сила ноќен полициски час откако во судирите со демонстрантите беа повредени најмалку 30 полицајци, информира Гриво.

Тој потврди дека Владата го откажала планот за зголемување на даноците за гориво на островот во текот на следните три години, кој беше изготвен за да се усогласат со цените во континентална Франција.

На островот се испратени дополнителни 80 жандарми за да ги поддржат 227-те припадници на полицијата и жандармеријата кои се распоредени таму.