Франција непопустлива: И натаму против одлука за почеток на преговори со Македонија

Франција е против одлука за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Ова, според Ројтерс, им го соопштиле француските дипломати на своите европски колеги, фрлјаќи мрачно светло врз амбициите на двете балкански земји за интеграција во европското семејство. Париз и натаму смета дека ЕУ се соочува со премногу внатрешни проблеми за да дозволи преговори со земји од регионот кој помина период на војни, а сега е преполн со криминал и корупција. Француски дипломатски извор открива дека и Македонија и Албанија ќе мораат да направат многу поголеми напори за да добијат почеток на преговорите.

Се уште не се подготвени. Ние бараме од нив да направат дополнителни напори. Преговорите не можат да бидат отворени во октомври, ќе мораме повторно да ја разгледаме ситуацијата некаде во 2020 година – изјавил неименуваниот дипломат за „Ројтерс“.

Ни последниот состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ не донел никаков прогрес во позицијата на Франција. Иако Холандија, како една од земјите со најпесимистично расположение околу проширувањето, пред два дена даде зелено светло за нашата земја, Париз очигледно ќе го чека последниот момент, а одлуката дали ќе дозволи отворање на преговарачките поглавја ќе ја соопшти лично претседателот Макрон. Дополнителен проблем е тоа што Холандија сака одвојување на Македонија и Албанија, додека добар дел од земјите инсистираат двете земји само во пакет да ги започнат преговорите. Германија пак, иако се согласи да даде дозвола, постави цела низа услови од кои ќе зависи на каков начин и колку време ќе трае преговарачкиот процес. Слично направија и соседните Грција и Бугарија, иако нивните причини за условувања воопшто немаат врска со европските стандарди на кои инсистира Германија. И покрај тоа, од Владата се убедени дека ќе најдат начин да им излезат во пресрет на барањата на соседите.

  Ние очекуваме преговарачките рамки да бидат дефинирани согласно европските принципи, согласно европските вредности, а се разбира и согласно со принципот дека со соседите мора да се најдат решенија. Условувањата некогаш се покажуваат како корисен инструмент, некогаш се покажуваат како катастрофа и за регионот и за соседите. Сакаме со нашите соседи да бараме решенија, а не да ја играме играта на уцени, притисоци, кавги и прекинување на разговорот – рече Шекеринска.

Она што сепак особено загрижува е порака на дипломатите во Брисел дека речиси сите земји се изјаснија позитивно за доделување на датум, во француската влада постоело уверување дека на Макрон, доколку одбие преговори, воопшто нема да му пречи доколку биде изолиран од другите земји во врска со ова прашање.

Драган Милосављевиќ