Француската полиција на протест против забраната за „задушување“ при апсење

 

Француската полиција излезе на протест против владината забрана за техниките за „задушување“ при приведување, а која беше донесена како одговор на револтот во јавноста за смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд во САД.

Во Париз, полицајците паркираа десетици службени возила кај Триумфалната порта. На едно комбе беше закачен транспарент со „Нема полиција, нема мир“, а на друго фотографија на која се прикажани повредени полицајци нападнати за време на должност.

Протестите беа организирани по состанокот на претставниците на полициските синдикати и министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер, свикан за да се обиде да го смири гневот кај полицајците поради владините мерки.