Фирмите кои не исплатија плати експресно објавени во јавноста, мистериозниот инвеститор кај Мавровка и по два месеци никој не знае кој е

Власта во рекорден рок ги објави имињата на фирмите кои не исплатиле плати за вработените, а земале субвенции од државата, но и по два месеци не може да открие кој е мистериозниот инвеститор на дивоградбата кај Мавровка.

Првиот јавен повик за уривање на диво изградени објекти што го распиша Општина Чаир, заврши неуспешно откако ниту еден понудувач не аплицирал на тендерот. Во меѓувреме, општината распиша нов повик, кој завршува во петок, но не појасни што доколку и тој пропадне?

Надлежноста за рушење премина во рацете на општина Чаир, откако сопственикот не се јави сам да си ја сруши дивоградбата. Општината преку весници ја почна потрагата по мистериозниот инвеститор. И до ден денес тој е непознат за јавноста и за институциите.

Предистрага за случајот отвори и ЈО, но и МВР – ќе истражуваат кој и зошто бесправно гради во централното градско подрачје.

Објектот кој се гради на местото на култното кафуле „Фонтана“, кое изгоре во пожар, има површина од 330 метри квадратни. За негово уривање одвоени се 17 илјади евра.

Случајот „Мавровка“, Алфа го отвори на стартот од јули, кога на лице место кај објектот го затекнавме сопственикот на кафулето „Фонтана“, кој тврдеше дека е инвеститор на новата градба, но и се правдаше оти гради според дозвола добиена од Општина Чаир. Тогаш и општинските градежни инспектори на терен не констатираа нерегуларности. Но, под притисок на јавноста, општината го смени ставот, па објектот одеднаш стана дивоградба и се распиша тендер за негово рушење.

Биљана Божиновска