Фингер принт апаратите се уште проблем- опозицијата обвинува дека власта припрема изборен грабеж

Власта на Заев и ДУИ подготвува изборен грабеж на локалните избори во октомври годинава, обвинува опозицијата. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев вели дека Владата одбива да ги имплементира законските промени, за користење на фингер принт апарати при гласањето. Според него ова е со цел да  има изборни нерегуларности, односно семејно гласање, гласање на лица кои нема да бидат на избирачките места.

-И покрај сите напори, отстапки и пред се волја од ВМРО-ДПМНЕ да овозможиме да се користат фингер принт уредите за локалните избори и да нема повеќе гласање со брзи прсти, владината коалиција на СДСМ и ДУИ на секој можен начин ги опструираше преговорите и не сака да дозволи имплементација на овие повторувам законски обврски кои се на сила повеќе од една година, изјави Јанушев.

Јанушев потенцираше дека опозицијата немала да дозволи уште едни украдени избори од страна на власта, а на помош ја повика и меѓународната заедница.

-Упатуваме апел и до меѓународната заедница да реагира, да не биде нем набљудувач и да направи притисок врз власта да го почитува она што е напишано во законот. Не бараме ниту повеќе, ниту помалку, само да се испочитува она што е напишано во законот и да обезбеди отисок од прст за да нема дупли гласања, бугарски возови и кражба на избори, изјави Јанушев.

Локалните избори треба да се одржат во октомври оваа година, а иако со закон е напишано дека треба да има фингер принт уреди за идентификација, Владата во буџетот за оваа година нема предвидено средства за купување на истите. Иако, состојбата е ваква премиерот Заев барем декларативно е за воведување на фингер принт, меѓутоа не може да гарантира, велејќи дека мора да има согласност од сите партии.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста