„Finance Think”: Во вториот квартал од 2022 инфлацијата се искачи на високи 12,3% на годишна основа

Oд почетокот на годинава сме посиромашни за 12,3%, колку што изнесува инфлацијата во Mакедонија, заклучно со вториот квартал. Граѓаните го чувствуваат тоа, речиси секојдневно излегувајќи од маркетите, со – се помалку производи. За да не потонеме уште повеќе, економистите советуват, Владата – веднаш да ги ограничи цените на основните производи, за инфлацијата да не надмине 20%, што ќе биде многу тешко за менаџирање.

Македонската економија „дише“ на шкрги, граѓаните на големо ги чувствуваат последиците од галопирачката криза. Само во вториот квартал од годинава инфлацијата се искачи на дури 12,3% на годишна основа, што значи дека денарот ја губи реалната вредност, стои во анализата на „Фајнанс тинк” (Finance Think).

Овој раст на цените, велат, е предизвикан од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но тие се пренесоа и врз пошироката потрошувачка кошничка, особено во делот на домување, транспорт и хотелските услуги.

  • Неизвесноста во економијата останува висока, додека видливата стагфлација во вториот квартал од 2022 ќе станува поинтензивна до крајот на годината, со зголемена веројатност од рецесија од почетокот на идната година. И покрај намалувањето на цените на храната на глобалните пазари од јуни 2022, понатамошното зголемување на цените на енергентите укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со претходните очекувања. Оттука, „Finance Think“ надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 на 2.1%, додека проекцијата за годишната стапка на инфлација нагорно на 12,2%, од претходните 9,7%, се вели во анализата на „Фајнанс тинк”.

Дека живеачката станува се потешка секојдневно реагираат граѓаните, но попусто. Се жалат дека едвај преживуваат, целосно разочарани од државата која не прави ништо за да им помогне. 

  • Абе ние немаме држава, ние немаме ништо. Никој не мисли на нас, оставени сме сами на себе, ова веќе не се поднесува, не знам што ќе правиме. Се оди на горе, се поскапува, а ни плати, ни пензии ништо нее мрднато. Мислам дека нема ништо од се ова да биде на добро, зашто нема ни атмосфера добра, велат граѓаните пред камерата на Алфа.

Економистите велат дека Владата треба уште веднаш да ги ограничи цените на основните производи, по примерот на дугите земји, во спротивно инфлацијата ќе надмине 20%, што ќе биде погубно за сите.

Во моментов инфлацијата достигна 16,8%, па така Македонија е меѓу европските држави со највисока инфлаација со за жал, најниски примања.

Дека парата ја губи реалната вредност потврдија и од ССМ, кои посочија дека тоа е така поради сите ценовни шокови. Според пресметките на ССМ, само за август годинава, за едно просечно семејство да го „закрпи“ месецот му биле потребни 48.232 денари, односно 781 евро, пари што ретко кој ги зема.

Борис Грујоски