Филмаџиите не отстапуваат од своето: Чисто работеле и редовно доставувале извештаи

Филмаџиите не отстапуваат од своето: Чисто работеле и редовно доставувале извештаи

За незаконското финансирање на друштвото на филмските работници на Македонија“ – Ова е насловот на цела секција од инспекцискиот извештај на Министерството за култура, за работата на Агенцијата за филм. Друштвото, на чие чело стојат режисерот Игор Иванов Изи и продуцентот Томи Салковски, во 2018та склучиле меморандум со филмскиот фонд, дека месечно ќе добиваат 120.000 денари народни пари, за унапредување на филмската дејност, меѓу другото. Па во рок од 5 години, тие инкасирале повеќе од 7 милиони денари. Според законот за филмска дејност, Агенцијата за филм може да соработува со здруженија, но нема надлежност да го финансира нивното работење.

  • Индикативно е дека Агенцијата за филм, склучила меморандум и договор за финансирање само на ДФРМ, а не и на некое друго здружение од областа на филмот, иако во РСМ постојат повеќе такви здруженија.
  • Државниот завод за ревизија утврдил и дека Агенцијата за филм, не врши контрола на наменското и законското користење на средствата што ги исплаќа на ДФРМ.“ – Пишува во надзорниот извештај на Министерството за култура за работата на Агенцијата за филм.

Од друштвото пак, уверуваат дека не ги прекршиле законите. Велат дека сите потребни документи редовно ги доставувале во Агенцијата за филм, а инспекторите од министерството за култура не ги нашле, зошто не ги побарале, тврдат тие.

  • „Нам не ни побарале извештај ниту Агенцијата за филм, ниту Министерството за култура. Ние имаме обврска да доставуваме извештаи и ги доставуваме. Наодите дека фестивалот „Браќа Манаки“ и ДФРМ не доставувале извештаи се смешни. Не постои незаконско финансирање на ДФРМ од страна на Агенцијата за филм. Јас тоа не го гледам. Затоа што, ако агенцијата за филм постои за нешто, тоа е за финансирање на филмот и филмските работници.“ – Изјави првиот човек на ДФРМ, Игор Иванов – Изи.

Но и покрај ова тврдење на Друштвото, инспекторите од култура утврдиле дека тие не дале отчет како ги трошеле народните пари цели две години, односно дека нема траг, каде завршиле скоро 3 милиони денари. Додека пак Агенцијата за филм не ги ни барала извештаите, иако имала законска обврска тоа да го направи.

Од ДФРМ во соопштение до јавноста, велат дека инспекцискиот надзор во филмскиот фонд е диригиран од Милчо Манчевски, односно, дека цело министерство олчигедно е наколнето кон еден режисер.

  • Овој чин не може поинаку да се протоклува, освен дека е постапување по налог, бидејќи целиот извештај на оваа работа група е повторно прераскажување на смешните тези на Милчо Манчевски, за кои многукратно се покажа дека се фабрикувани.
  • Дали ова негово здружување со Костадиновска Стојчевска, а потпомогнато од неговата блиска пријателка – државниот советник Весна Илиевска, која е автор на споменатиот извештај, укажува на концентрација на моќ чија единствена цел е реваншизам кон успехот на домашната кинематографија и афирмирање на лажната неприкосновеност на Манчевски?“ – Стои во соопштението од ДФРМ.

Тие во соопштението го повикуваат и новиот предлог министер за култура, Зоран Љутков, да ги расчисти клеветите кои пристигле од министерството. Во меѓувреме, тие остануваат единственото филмско здружение финансирано со народни пари.

Од друга страна, филмската критичарка, Ана Василевска, за која Министерството за култура утврди судир на интерси, бидејќи била фактор во одлучувањето, кој ќе земе пари од Агенцијата за филм, а истовремено заработувала од фестивалот „Златна рамка“, кој е финансиран со народни пари од истата агенција, наместо одговори, се обиде да ги дескридитира новинарите.

  • Пак повторувам, дали вие знаете што е одлучувачки фактор во Агенцијата за филм, дали знаете? Кој одлучува во Агенцијата за филм? Дали сте упатени какви се инстанци треба да одлучат во Агенцијата за филм, за еден филм да добие поддршка? Дали сте упатени? Очигледно дека не сте. Да не губиме време, упатете се па можеме подоцна да разговараме на оваа тема.“ – Изјави Ана Василевска.

Таа вели дека само антикорупциска може да одлучува каде има судир на интерси, а не министерството за култура, за кое го дели ставот со ДФРМ, дека работи за интересите на Милчо Манчевски.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )