Филипче заминува, СДСМ се спасува-Гаши добива три министри во владата
Ставен парафот за новата влада – Зоран Заев и Африм Гаши од Алтернатива од денеска заеднички ќе носат државнички одлуки. По неколку неделни преговори, премиерот ги прифатил барањата на Алтернатива содржани во план од девет точки, а за возврат обезбеди парламентарно мнозинство. Договорени се клучни министерски ресори и вкупно 47 државни функции кои ќе ги раководат кадри на Алтернатива. Заев најавува стабилна влада, но одбива вонредни избори кои ќе значеле продлабочување на кризата.
-Постигнатиот договор, е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и глобалната енергетска криза,потенцира Заев.
Во битката да опстане во централната власт Заев го жртвуваше и најблискиот соработник Венко Филипче, а на неговото место во здравство доаѓа лекарот Беким Сали.
Како нов коалиционен партнер во Владата Гаши се испазарил и за министерските позиции во информатичко општество и министерството без ресор задолжено за дијаспора. Алтернатива добива и три заменички позиции во министерства за образование, култура и земјоделие. Обезбедена е и челната позиција во МЕПСО, каде најверојатно ќе седне портпаролот Орхан Муртезани.
Гаши кој во коалиција со Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ заеднички влезе во трката за локалната власт, се правда дека тешка била одлуката само после еден месец да прејде на страната на СДСМ и ДУИ.
Како дел од договорот Алтернатива бара меѓународна истрага за судските процеси за Диво Насеље и Монструм, што за Заев не претставува мешање на извршната во судската власт. Менувањето на законот за рурален развој е уште едно барање со кое се бара афирмација на Липковскиот крај.
Прашан од новинарите дали новите министри ќе дојдат како дел од мандатот на Заев, тој вели дека деновите му биле броени, а новите кадри ќе стапат на функција откако СДСМ ќе избере нов претседател и мандатар во нова влада.
А додека на Илинденска се екипира новиот состав на влдата, во Собранието нови преструктуирања. Досегашниот координатор на пратеничката група Алтернатива и Алијанса Скендер Реџепи на фејсбук објави дека се повлекува од таа позиција, но веќе се шпекулира дека за него се спрема потпретседателското место во Парламентот како дел од договорот Заев-Гаши.
Ивана Соколовиќ Најдова