Филипче со осуда за свадбите на Бајрам и Богдановиќ, казни не може да има оти се правени на други територии

Претседателот на Сојузот на Ромите Амди Бајрам и градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ сакајќи да ги заобиколат мерките за заштита од корона вирусот во Македонија, решија своите семејни прослави да ги организираат во други земји. Внуката на Амди Бајрам направи свадба во Турција со 600 гости, а поранешниот пратеник призна дека дури 200 гости отпатувале од Македонија на нивната прослава која се одржа на брод на Босфор. На социјалните мрежи се појавија низа видеа и фотографии на кои јасно се гледа дека мерките за заштита не се почитуваат.

Свадба си направи и Богдановиќ, но во Косово. Тој тврди дека не била масовна прослава, туку биле поканети само најблиските. Па сепак, фотографиите од Грачаница покажуваат дека и таму не биле почитувани стандардните мерки за заштита, а гостите не носат маски.

Потенцијалните корона кластери предизвикаа жестоки реакции во јавноста. И министерот за здравство Венко Филипче го осуди славењето во странство, но само толку. Вели, оние кои организираат прослави во други земји, не можат да бидат санкционирани, оти тоа не се случило на наша територија. Смета дека функционерите први требало да ги почитуваат мерките и да бидат пример за другите граѓани. Но сето ова, за сега е сведено само на свесноста на луѓето.

Токму Филипче постојано потенцираше дека вирусот се шири најмногу поради собирите и забавите во угостителските објекти. Од таа причина свадбите се забранети од почетокот на пандемијата, а повторна забрана за јавни настапи добија и рестораните и кафулињата. Тоа не е пречка за некои граѓани, кои иновативно се сетиле да слават во странство.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста