Филипче: Сите анализи укажуваат дека учебната година треба да почне со физичко присуство

Сите анализи укажуваат дека учебната година треба да почне со физичко присуство – уверува првиот човек на Министерството за здравство Венко Филипче. Доколку ситуацијата во училиштата се влошува, ќе има онлајн настава – но дали и кој ќе понесе политичка одговорност за евентуално погрешна одлука е нејасно. Додека дел од родителите се во паника на прагот на школската година, а повеќето лекари апелираат дека е рано за ваков модел на настава, надлежните смируваат – протоколите биле доволни и нема потреба од масовно тестирање на наставниците и учениците.

За секое училиште ќе важат различни критериуми во зависност од трансмисијата на вирусот. Ќе има тестирање секогаш кога ќе има индикација за тоа, а индикацијата ја поставува лекар епидемиолог, видовме дека пристапот е да се тестираат поради индикација бидејќи епидемиолошката анкета е најдобриот критериум кој кога треба да се тестира, затоа се тие специфични пристапи, во однос на училиштата, во зависност од бројот на ученици, итн. Општите мерки видовме дека даваат резултат, никаде нема проблем таму каде што се почитуваат мерките и мислам дека таков пристап каде поединечно ќе се анализираат случаите е најдобар – изјави министерот за здравство Филипче.

Поради високиот број на заразени, Струга побара пролонгирање на наставата со физичко пристутво за три недели, Министерството за здравство го одби ова барање. Во меѓувреме пак, и Кичево со ист став – градоначалникот информираше дека се обратиле до Комисијата за заразни болести, за одложување на учебната година или спроведување онлајн настава. За сега, онлајн настава ќе има само за средношколците во Тетово и Гостивар.

За разлика од нас, другите земји со поконкретни мерки во пресрет на учебната година. Во Грција, учениците од 12 до 17 години за да посетуваат настава, треба да достават потврда за прележан вирус во последните 6 месеци, потврда за вакцинација, или задолжително да се тестираат два пати неделно. Наставниците кои не се вакцинирани, на свој трошок ќе прават по два теста во неделата. Турција со иста стратегија – но таму тестовите на училишниот персонал ќе бидат бесплатни. Во Словенија невакцинираните и непрележаните наставници ќе мора да се тестираат секоја недела, а доколку одбијат им се заканува отказ. Еднаш неделно ќе бидат тестирани и учениците кои не се имунизирани и не биле заразени, на трошок на државата. Во Црна Гора часовите ќе се скратат за 15 минути, а доколку се влоши епидемиолошката состојба ќе има онлајн настава.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста