Филипче се појави после еден месец, наместо решенија понуди апел за дисциплина

Ниту оставка, ниту одговорност, ниту решение за спас од новиот корона бран – министерот за здравство Венко Филипче по еден месец пауза конечно се појави пред новинарите, но не за да понуди решение за проблемите, туку да информира за актуелната состојба со пандемијата. Од целата пандемија, рече научивме дека рестрикциите нема да го решат проблемот, па порача граѓаните да биле дисциплинирани. Здравствените власти немаат ниту стратегија како да ја поттикнат веќе намалената имунизација.

„Тешко му се застанува на патот на вирусот со рестриктивни мерки и тоа е една од лекциите која што мислам дека целиот свет ја научил. И затоа сметам дека правецот во кој што треба да одат мерките и препораките се темелат на два принципи, вакцинација и општите превентивни мерки во делот на носењето на маските и во делот на дистанцата и само тоа може да го извлече светот од пандемијата. Апелирам да граѓаните бидат свесни и совесни сега започнува сезона на семејни собири, слави сепак мора да знаат дека големите собири се на некој начин ризик“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот признава дека бројот на заразени расте, но вели притисокот врз болниците не бил голем. Сепак најави дека Комисијата за заразни болести ќе се сретне во петок кога ќе се разговара за нови можни мерки. Во врска со високата смртност од Ковид-19, Филипче вели оти состојбата допрва се анализира.

„Рано е за некакви заклучоци од таа анализа поради тоа што сме во фаза кога ги припремаме сите теркови, за анализите и методологиите затоа што ставаме акцент на хриничните болести“, рече тој.

Во меѓувреме, земјите од регионот со засилени мерки се справуваат со новиот корона бран. Словенија ги затвори дискотеките и ноќните клубови, ја ограничи работата на угостителските објекти, а на граѓаните им забрани и да се собираат надвор од семејството. Србија пак воведе задолжителни сертификати за влез во кафулињата, казината и обложувалниците по 20 часот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста