Филипче размислува за набавка на вакцини против Ковид 19 од Кина
Откако Македонија извиси во обидот да обезбеди поголема количина на вакцини од американскиот производител „Фајзер“, сега надлежните спас ќе бараат кај Кина. Министерот за здравство Венко Филипче објави оти веќе се преговара со кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“. Тој вели дека деталите ќе биле познати до крајот на неделата.
„Во моментов ја разгледуваме и можноста за набавка на вакцини од Кина и чекаме детали во однос на цената и испораката. Мораме да работиме на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес без пауза од моментот кога ќе почне имунизацијата“, објави министерот Филипче.
Но, зошто сега се бараат вакцини од Кина, кога премиерот Зоран Заев, пред само три дена тврдеше оти Македонија како членка на НАТО се држи до западниот свет и вакцините потврдени од тамошните институции, за разлика од Србија која како што рече Заев, немала аспирации за НАТО и нормално било да прави договори со Кина и Русија.
Големата стапка на смртност од Ковид 19 и неуспехот со набавка на вакцините, е доказ оти македонските власти потфрлија во справувањето со пандемијата вели инфектологот и член на ЦК на ВМРО ДПМНЕ, Вело Марковски. Според него, вакцини мора да се обезбедат час поскоро, а пред да се прими првата доза, граѓаните задолжително да испитаат ниво на антитела во организмот.
„Меѓутоа тука имаме нови вакцини каде малку покомплициран е системот на создавање на антитела. Во овој случај би дошло до една бурна реакција, кога би имале многу антитела, и веројатно би се активирал целиот имунолошки систем и голем број од овие клетки кои би презентирале вакви антигени на својата површина би биле уништени. Така да, тие што имаат високо ниво на антитела би можеле да имаат сериозни проблеми по здравјето. Затоа мојот став е дека мора претходно да се тестира“, вели професорот Марковски.
Марковски смета дека вакцините на кинеските производители се најбезбедни, бидејќи тие биле правени на веќе познат, конвенционален начин, преку класично внесување на антитела во организмот.
Кинеската вакцина „Синофарм“ доби зелено светло на 31 декември. Таа покажала ефикасност од близу 80 отсто. Се дава во две дози, но за разлика од вакцината на Фајзер чие складирање мора да биде на минус 70 целзиусови степени, кинеската се чува во обичен фрижидер.
Србија набави еден милион од вакцините на „Синофарм“. Таму над 200.000 граѓани веќе ја примиле првата доза од вакцината.
Биљана Божиновска