Филипче: Нови рестрикции ако се влоши состојбата со Ковид 19 викендов

Комисијата за заразни болести без нови предлог мерки за заштита од корона вирусот. Бројката од над 500 ново заразени не ги загрижува, па состојбата ќе ја следеле и во текот на викендот. Дури во понеделник ќе се зборувало за можни рестрикции.

„После евалуацијата на следните денови и викендот, доколку има потреба до Владата ќе биде предложен овој пакет на мерки во понеделник. Тоа би вклучувало, прво ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50 проценти, како што беше претходно. Понатаму, целосна забрана за секакви настани и крај на работното време на сите економски оператори и субјекти во 23 часот“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Следната недела, според министерот ќе треба да се изгласаат и пакет мерките предложени пред 10тина дена, кога дневниот број на заболени беше помеѓу 200 и 300, но не и над 500. За воведување на полициски час за сега не се размислува.

Од Комисијата пак прстот повторно го вперија кон граѓаните – велат за растот на бројките виновни биле младите. Но, и кон неспособноста на институциите.

„Колку пати сме виделе од оние оператори на кои што им било забрането да одржуваат евенти, концерти, на познати музички ѕвезди. Ние никогаш како Комисија не сме рекле дека тоа е дозволено. Тоа што некој има или нема капацитет да го контролира, сака или не сака, може или евентуално фали кадар, ќе си го разгледаат институциите што се над нас“, вели претседателот на Комисијата, Жарко Караџовски.

Зголемениот број на ново заразени, за надлежните, бил очекуван. Се правдаат оти состојбата била иста низ цела Европа. Но заборавија да кажат дека речиси сите западно европски земји, па и земји во регионот, уште минатата седмица воведоа построги рестрикции со цел да се спречи неконтролираното ширење на вирусот. Македонија пак со короната се уште се бори со старите мерки донесени пред повеќе од два месеци.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста