Филипче: Нема школо без вакцина, дел од родителите најавуваат тужби за државата ако децата им останат на улица

Невакцинираните деца се под стрес, седат дома, a Владата и натаму не дава амин да се примат на училиште. И додека проблемот станува се поголем, надлежните се уште немаат конкретно решение. Министерот за здравство, пак, денеска повтори дека остануваат на ставот оние дечиња кои не примиле вакцина да останат дома. Најави дека ќе бара средба со родителите, во обид да ги убеди да ги вакцинираат дечињата.

И додека дел од првачињата се уште не седнале во училишна клупа, надлежните си ја префрлаат топката кој е во право, а кој погрешил пред законот. Дел од училиштата кои забранија прием на нефакцинирани деца против мали сипаници, ги отворија вратите, но дел и натаму остануваат на дописот од ресорните министерства.

Од невладините организации за заштита на човековите права, велат дека дечињата не биле ништо криви да ги трпат натегањата од надлежните.

Претходно и првата детска амбасада „Меѓаши“ побара од Министерството за образование да ја преиспита одлуката за одбивање на уписот на првачињата кои не доставиле документ за задолжителна вакцинација и да понуди решение што нема да го прекрши основното право на децата на образование. Но барем за сега, ниту од министерствата, ниту од Владата – конкретно решение нема.

Борис Грујоски