Филипче – Нема нов заболен од Корона вирус во земјава, мерките остануваат на сила

Нема нов заболен од Корона вирус во Македонија, тврдат здравствените власти. Резултатите од тестирањата на тројца пациенти, меѓу кои и на жена која утрово се пријавила на Инфективна клиника во Скопје, се негативни на Ковид 19. Досега од ризичните подрачја на Италија, во Македонија има пристигнато неколку автобуси и комбиња, со наши државјани.

Постоел обид македонскиот конзул, претходно до земјава да доставува информации колку патници се враќаат во земјава, но не може со сигурност да се гарантира дека сите се најавуваат.

– Дојдоа, така, неколку комбиња и автобуси минатите денови, меѓута не можеме да бидеме сигурни дека сите се најавуваат. Значи имаме најава за одредена бројка на наши државјани кои што доаѓаат од таму, но има и дел од нив кои што доаѓаат без најава и за нив важат овие прашалници и процедури кои што ги вршат граничните полицајци – изјави Венко Филипче министер за здравство.

50 годишната пациентка која е единствената заразена со корона вирус, се уште е на лекување на Инфективната клиника во Скопје. 14 дена во изолација, ќе останат и лицата кои имале контакт со заболената жена. На сила остануваат препораките за одржување лична хигиена, како и домашна изолација од две недели на лица кои се вратени од Италија.

Иако вчера Владата донесе препорака да не се организираат јавни собири, спортски натпревари, па се откажаа и Струмичкиот и Прилепскиот карневал, Агнецијата за млади и спорт не ја испочитува владината препорака и денеска одржа манифестација во која учествуваа деца од 11 основни училишта од Велес, Тетово и Скопје.

Катерина Гетева