Филипче не гледа простор за рестрикции поради Делта сојот на Ковид 19

Докторите и епидемиолозите предупредуваат и бараат да се дејствува, граѓаните се преплашени и не знаат што да преземат, но министерот за здравство не гледа причина за заострување на мерките откако Делта сојот се вкорени во земјава. Филипче уверува дека состојбата со корона вирусот во земјава е стабилна, а тоа што се појавуваат нови мутации не значи дека треба да се затвораме туку масовно да се вакцинираме.

„Сега нема потреба од нови мерки, затоа што ситуацијата е прилично мирна. Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога немаше вакцини. Сега кога го има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација. Гледаме на пример, Велика Британија и покрај тоа што има голем број на случаи ги попушта мерките, бидејќи тамошните власти кажуваат дека не може да се живее и понатаму затворен. Може ќе има и следни мутации, но не значи дека треба да живееме затворени очекувајќи нови мутации, туку значи дека треба масовно да се вакцинираме за било кој следен бран да го дочекаме спремни“, рече Филипче.

Дека се потребни нови мерки, по лекарите реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата предложија  низа рестрикции меѓу кои и забрзување на вакцинацијата и зголемување на контролата на границите. За Филипче предлозите биле резултат на неинформираност,  а опозицијата само била во трка по политички поени.

Спасот од вирусот и новите соеви надлежните го гледаат во вакцините. Филипче не ја исклучува можноста од септември, по примерот на некои европски земји, приватно да им наплаќа на пациентите од Ковид доколку не се вакцинирани.

Инаку, во земјава стигна уште една донација – Грција испрати 100 000 дози од вакцината на Астра Зенека.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста