Филипче не ги „есапи“ лекарите за кои епидемиолошка бесмислица е вакцинација после 45 дена по прележан Ковид

Министерот за здравство Венко Филипче контра стручната јавност – и покрај сите апели на докторите дека лицата кои го прележеле Ковид 19 не смеат да се вакцинираат до шест месеци по оздравувањето, Филипче тврди дека „што поскоро се имунизираат и прележаните, толку побрзо ќе се стигне до колективен имунитет и ќе се победи вирусот“.

„Тоа што сакаме да постигнеме со нашата препорака и мерка е граѓаните што порано се вакцинираат дури и после прележувањето на болеста, 30 дена, оставаме уште 15 дена, е за да што порано се стекнат со подолготраен имунитет и на тој начин постигнуваме две работи. Првата, да граѓаните и оние што ја прележале болеста стекнат подолготраен имунитет, но истовремено да го заштитиме и здравствениот систем“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Но, еминентни професори и лекари од Македонија уште откако стапија на сила новите мерки за заштита од корона вирусот алармираат дека граѓаните кои го прележале вирусот имаат силна имунолошка заштита и треба да почекаат најмалку шест месеци пред да се вакцинираат. Велат ваква мерка нема никаде во светот.

„Ова што само после 45 дена се бара да се вакцинираат е неоправдано и несоодветно од медицински апсект“, изјави доктор Оливер Зафировски од Институторт за белодробни заболувања кај децата.

Професорот Никола Пановски пред неколку дена ги повика членовоте на Комисијата за заразни болести или јавно да излезат и да аргументираат зошто препорачале ваква емидемилошки нелогична мерка или пак да се оградат од ставовите на министерот.

„Не можам да верувам дека некој до Комисијата ова го предложил, ако не е предлог на Комисијата, таа треба да се огради под итно за да си го зачува угледот професионален, второ ако некој ги менува одлуките на Комисијата и става нови медицински одлуки тоа е скандал“, вели микробиологот Никола Пановски.

Ревидирање на анти ковид мерките побара и токсикологот Нико Беќаровски. И тој преку социјалните мрежи ги повика лекарите од Комисијата за заразни болести уште еднаш да размислат за предложените рестрикции.

„На првиот состанок ревидирајте ја бесмисленоста на одлуката ЗА ВИСТИНСКИ ПРЕЛЕЖАНИТЕ ОД КОВИД-19 и 45 дена заменете ги со логичните 9-12 месеци. Драги колеги, да останеме тоа што најдобро го знаеме, ДОКТОРИ, а не политиканти!!!“, пиша на Фејсбук доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

И матичниот лекар Ненад Лазаров е дециден дека никој не треба да се вакцинира 45 дена по прележан ковид.

„Особено за мене е дискутабилна и треба оваа држава да направи еден научен консензус околу тоа која е нашата препорака за вакцинирање на прележани пациенти“, вели доктор Лазаров.

Во меѓувреме, под мотото „За моментите на среќа – вакцинирај се!“, Владата стартуваше со вакцинална кампања со цел да се подигне свеста за процесот на имунизација против Ковид 19. Министерот Филипче тврди дека кампањата не била задоцнета и оти надлежните и досега јавно апелирале за важноста на вакцинацијата во заштита на јавното здравје.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста