Филипче не е сигурен кога и со која вакцина ќе почне масовното вакцинирање

Филипче сè уште не знае кога ќе почне масовното вакцинирање во Македонија.Ниту пак со која вакцина – во игра се дозите на АстраЗенека и кинеските на Синофарм.Бидејќи договор со Фајзер нема.

„Секојдневно сме во комуникација. Производителите се соочуваат со предизвик да ги испорачаат потребните вакцини ширум земјата. Имаме некакви најави и тие најави се за крајот на месецот, првите недели на април, но повторно, имајќи го искуството од досега, искуството од останатите земји, искуството  со Ковакс-системот, тогаш кога ќе бидеме информирани сигурно дека тргнале кон нашата земја ние тоа ќе го објавиме“ – изјави Филипче.

Во однос на можните дополнителни рестрикции Филипче и натаму уверува дека овие мерки ќе дадат резултат во спротивно веќе има на маса сценарио за нови рестрикции.

„Очекувањата се дека после воведување на една мерка резултатите ќе бидат видливи после 7-10 дена што значи дека на почетокот на следната недела очекуваме резултати од воведениот полициски час чија цел беше да се ограничи движењето и комуникацијата на младите кои интензивно комуницираа во паркови, јавни површини, па дури и домови, после затворањето на угостителските објекти. Беше констатирано дека тие се едни од главните преносители на вирусот, тоа го гледаме и од возрасните групи на новодијагностицирани пациенти. Ние сме спремни да воведеме и дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не дадат посакувани резултати“, рече Филипче.

И додека Комисијата за заразни болести ја чека анализата на епидемиолошката состојба од полицискиот час – болниците се преполнуваат со ковид пациенти. Во Скопје е хаос со наоѓање на празен болнички кревет.

Моментално на инфективните оддели во Скоипје и во болниците во земјава вкупно се лекуваат 1.289 болни и има околу 300 празни болнички кревети. Додека на скопските инфективни оддели има уште само 60.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста