Филипче најавува вакцини до крајот на месецов, но не знае точно колкав број

Филипче ја спушти границата за пристигнувањето на анти – ковид вакцини во Македонија. Открива дека првите дози вакцини преку Ковакс – механизмот ќе стигнат на крајот на месецов ама за секој случај, го остави во игра и рокот за првата половина на Февруари.Првите пратки во земјава ќе бидат вакцните на „Фајзер“, а следна која доаѓа предвид, е вакцината на „АстраЗенека“.Количините и натаму не се познати.

“Освен најавата дека е можно да стигне одредена количина на крајот на јануари или почетокот на февруари, нема најава за точна количина, како што нема ни една земја од Ковакс-системот. Очекуваме 833 илјади вакцини од Ковакс системот. Потоа 800 илјади директно од Фајзер, и 800 илјади од канцеларијата на Европската делегација, односно земјите од ЕУ ќе одвојат од своите колични за нашата земја. Тоа ќе биде доволно за вакцинација на 1,2 милиони граѓани, или 60% од населението, што ќе биде доволно за стекнување на имунитет.“ – вели министерот Филипче.

Дека патот е долг и воопшто не е лесен Македонија да дојде до вакцина, предупредува и епидемиологот Даниловски .

Сите знаеме дека бее планирано да стигне вакцината кај нас во март месец, но исто така разбравме дека тоа по се изгледа нема да биде баш така бидејќи богатите земји ги откупија сите резерви од една вакцина. Од друга страна на Ковакс му недостасуваат две милијарди евра за да ги исполнат планираните набавки за сиромашните земји, тука сме и ние. Така што лесно може да извисиме за 2021 година.” – вели Даниловски.

И додека се чека на вакцината, остануваат на сила рестриктивните мерки. Засега не се планира олабавување на истите.

Филипче смета дека логично е барањето на угостителите да им се врати работното време до 23 часот, но “амин” за тоа треба да даде Комисијата за заразни болести. Дел од угостителите излегоа со барање уште од следниот понеделник работното време да биде до 23 часот.  Според нивните пресметки загубите од дополнителните рестрикции кои владата ги донесе пред новогодишните презници  се многу поголеми од првично очекуваните.

Ања Василева

Поврзани вести