Филипче најави план за дополнителни рестрикции – во опција е и враќање на полицискиот час

Полициски час, повторно седење дома, празни улици и ограничена слобода. Изјавата на Министерот за здравство Венко Филипче дека има план за нови рестриктивни мерки, ги вознемири граѓаните. Дали е ова само тест, здравствените власти да видат како ќе реагираат луѓето доколку би имало повторни ограничувања, да не се случи српското сценарио со немири и протести поради рестрикциите?

Министерот во интервју за МКД.мк вели дека здравствениот систем се подготвува за лоши сценарија наесен со поголем број на пациенти, а планот за дополнителните рестрикции ќе го промовирале наскоро. Според него, полошо сценарио би значело поголем број пациенти и од сезонски грип, кои би ги окупирале истите одделенија на кои сега лежат пациенти со Ковид – 19.

Во опција се враќање на полицискиот час, затворање на училиштата и угостителските објекти и забрана за собири. Во планот на рестрикции е важен и регионалниот пристап – вели Венко Филипче.

Инаку, бројките на новодијагностицирани пациенти со Ковид 19, последниве пет дена се  движеа од 140 до 160 инфицирани. После подолго време, во Македонија на дневно ниво конечно има бројка под 100 пациенти со корона вирус –   денеска се регистрирани 87 нови случаи, но затоа од помалку тестови.  Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 12739,  бројката на оздравени пациенти е 9174, на починати е 544, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3021.

Бројките и понатаму се високи – но дали здравствените власти ќе се одлучат на непопуларните мерки кои претходно и не дадоа особени резултати, ќе дознаеме многу брзо, со оглед дека се приближува есента и започнувањето на школската година.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста