Филипче измисли „топла вода“ за Инфективната клиника

По речиси тригодишното министерување со здравството, Филипче допрва ќе ги оправа клиниките што не ги задоволуваат ниту основните стандарди за одржување на лична хигиена. За Инфективна ќе се обезбеделе соларни панели, па и цел систем ќе бил енергетски ефикасен, ветува министерот, без да прецизира кога ќе започне набавката. Вели наскоро ќе се решел проблемот на пациентите што лежат во оваа клиника поради заразни заболувања, кои се снаоѓаат, кој како знае и умее, во обид да одржат хигиена, оти топла вода за капење нема.

-Ние направивме неколку состаноци, и има план кој што ќе започне навистина скоро, ќе се обезбедат панели со кои ќе се обезбеди греење на клиниката, како на водата за бањите, тоалетите, така и вода за греење. Тоа е еден систем за енергетска ефикасност што сакаме да го имплементираме во повеќе болници, во повеќе здравствени домови, таму кај што навистина треба. Тоа е еден план што значи зајакнување на сите капацитети, таму кај што е најкритично во овој момент, за да не ги оставиме пациентите без соодветни услови, изјави Филипче.

Во меѓувреме дел од пациентите топлат вода во гезвиња или во електричен апарат за кафе, а некои носат и балончиња за да се тушираат. За ваквата состојба виновна е претходната влада, обвинува Филипче, кој пред да седне во министерска фотелја, му беше советник на неговиот претходник од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.

-За жал таа клиника со години наназад е запоставувана од страна на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ. И пациентите и клиниката ги оставиле без топла вода со години, а дополнително, не ни испланирале оваа клиника да влезе како дел во она што требаше да биде Клинички центар. Таа клиника секако ќе останеше надвор од ова, вели Филипче.

А додека функционерите и партиите си ја префрлаат топката за тоа кој и за што е виновен, граѓаните се уште се лекуваат во здравствениот систем кој го сочинуваат болници со субстандарди услови, и се молат да бидат здрави, па да немаат потреба да тропнат на врата кај лекар.

Сања Трајковска Ставров 

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста