Филипче: Ако процениме дека ризикот од навакцинираните е голем, ќе воведеме рестриктивни мерки

Грција, Србија и Албанија секојдневно бројат стотици нови случаи на заразени со Ковид – 19, а надлежните во земјава не гледале причина за воведување на нови рестриктивни меркии покрај тоа што делта варијантата на вирусот е до 5 пати позаразна и побрзо се шири. Министерот за здравство Венко Филипче е дециден – ковид контроли на границите нема да има, ама не ја исклучува можноста да има „казни“ за невакцинираните. Филипче уште еднаш повтори дека од есен, на граѓаните кои не примиле вакцина, би можело да им се ограничи движењето.

„Засега не планираме никакви рестриктивни мерки. Но, ги следиме искуствата. Во светот има дебата дали да се прави рестрикција за граѓаните кои не се вакцинирани, да не ги загрозуваат оние кои се вакцнирани. Некои земји воведуваат брзи антигенски тестови за влез во маркети или на културни настани. Ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон генералната популација е голем и ние ќе воведеме рестриктивни мерки“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Во меѓувреме, бројот на заразени со корона вирусот во Македонија расте. Главното жариште е Скопје, каде во моментов има и најголем број на активни – над 100. Надлежните смируваат – нови случаи на делта сојот за сега не биле регистрирани.

Од друга страна интересот за вакцинација опаѓа. Вакциналните пунктови во спортските сали се затвораат, вклучително и најголемиот вакцинален пункт во Салата Борис Трајковски во Скопје. Отворени за вакцинација ќе останат само спортскте сали во Тетово и во Струмица. Процесот на вакцинација ќе продолжи во Здравствените домови и Поликлиниките. Таму веќе со денови има голем метеж – граѓаните кои доаѓаат на закажана ревакцина, како и оние кои бараат вакцинација без закажување со часови чекаат пред вакциналните пунктови на топлото време.

И додека интересот за вакцинација опаѓа, надлежните немаат официјална кампања со која ќе ги убедат граѓаните да се имунизираат и да се заштитат од корона вирусот. Министерот вели дека за да им излезат во престрет на граѓаните и натаму ќе ја продолжат теренската вакцинација, која пак до сега не ги даде посакуваните резултати.

За разлика од Македонија, соседните земји преку разни капмањи го мотивираат населението да се пријави за вакцинација. Така на пример, Србија ги наградува вакцинираните со по 20 евра, а Црна Гора подготви ваучери за домашен туризам во вредност од 50 евра.

Биљана Божиновска