Фијаското на власта со вакцините ги примора македонските граѓани да бараат спас во Србија

Со транспарент „Големо Добредојде“, Србија ги дочека илјадниците македонски граѓани, кои и покрај хаосот на границите и покрај забраните за движење со полициски час, успеаа да стигнат до Белградскиот саем за да ја примат вакцината на Астра Зенека. Очајни, бидејќи во Македонија не можат да се вакцинираат против Ковид 19, затоа што властите во земјава не обезбедија вакцини за граѓаните, цели семејства македонци патуваа со часови до српската престолнива за да ја примат анти ковид вакцината.

Околу 20.000 граѓани, од Македонија, но и од регоинот од изутрината чекаат ред пред Белградскиот саем. Како што јавуваат српските медиуми во топлата имало и државјани на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, но и Германија и Холандија. Оние кои веќе ја примиле првата доза на социјалните мрежи сведочат дека постапката тече брзо и оти никој не бил вратен и покрај тоа што голем број граѓани немале закажано термин.

Покрај медиумските работници кои се вакцинираа пред 5 дена во Врање, денеска и стопанствениците од Македонија ќе ја примат вакцината против ковид 19. Нив ги пречекаа заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж.

„Се заблагодарувам на владата на србија која ни овозможи стопанствениците од целиот регион да ги донесеме во Белград и да ги заштитиме преку имунизацијата. Денеска и утре се пријавени за вакцинирање 7.5 илјади стопанственици од регионот. Најголем број од пријавените се од Бих, од Македонија, но има и од Албанија“, рече Чадеж.

Од АМСМ информираа дека до 10 часот утринава граничниот премин табановце кон Србија го минале 2000 македонски граѓани. За ова сведочат и снимките од видео надзорот на кои се гледа хаос од возила и километарски колони. За излез од земјава се чекало и по еден час. Дел од граѓаните земјава ја напуштија уште вчера вецер пред да стапи на сила полицискиот час, а во намерата не ги спречија ниту апелите на Владата да не се патува додека трае ноќниот карантин. Има и такви кои кон Србија тргнале утрото со организиран превоз.

Во меѓувреме, Македонија се уште ги чека нарачаните вакцини. Првите, 24000 дози од Астра Зенека преку Ковакс механизмот, според најавите ќе стигнат утре изутрина. До сега во земјава влегоа едвај 11.000 вакцини, од кои 8000 донација од Србија и 3000 од рускиот производител Спутник В.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста