Фигел: Принципот правда за сите мора да важи ако Македонија сака да напредува кон ЕУ

„Итни реформи се потребни во судството и сериозно да се работи на владеење на правото доколку Македонија се стреми да влезе во Европската Унија“ – алармира од Брисел поранешниот еврокомесар Јан Фигел, кој два пати досега беше во Македонија за случајот „Камчев”, а неговата колумна на оваа тема ја објави угледниот „Еуропортер“. Во неа тој забележува дека земји од Западен Балкан потфрлале во клучните области уште пред да отпочнат преговори за влез во ЕУ. За Македонија да биде дел од ЕУ потребно е почитување на европските вредности, правила и стандарди.

Во јули, извештајот на Советот на Европа го критикуваше третманот и условите за притвор на затворениците во два затвори во Република Северна Македонија, покрај лицата што беа држени од полицијата во Скопје. Во извештајот беа истакнати лошите, нехигиенски и ограничени услови и се наведува дека ситуацијата е влошена од недостатокот на активности обезбедени за затворениците – пишува Фигел.

И покрај тоа што дел од земјите членки ја потврдија поддршката за земјите кандидати, вклучително и Македонија, Фигел посочува дека законодавната, извршната и судската власт имаат доста работа пред да отпочнат преговорите. Потребно е да покажеме што сме презеле како земја за спроведување на казнените и судските реформи, во согласност со европските правни пресуди и прописи.  Тој го посочува примерот со бизнисменот Орце Камчев и алармира – законот да важи за сите подеднакво.

Во нормална, стандардна демократија, тајните служби не постојат за да ги заплашуваат луѓето. И доказите мора да се фактички, допирливи и конкретни. Не лажни или фабрикувани. Потоа, третманот на г-дин Камчев е многу специфичен и деградирачки. Неговиот притвор се продолжува и се продолжува и се продолжува. Се поставува прашањето зошто, тој може да се брани од слобода, или да биде во домашен притвор – вели Фигел.

Пред десетина дена Фигел остана пред вратите на Шутка бидејќи Власта не му дозволи да ја види ќелијата на Камчев. Истиот ден, подоцна, вратите сепак беа отворени по интервенција на еврокомесарот Вархеји кој тогаш беше во посета на Македонија. Тогаш се отворија сомнежи дека постои и политичка причина за забранетата посета и средбата со Камчев. Фигел беше уште еднаш во Скопје но не беше удостоен од ниту еден од власта за разговори. Напротив, министерот за правда Маричиќ неговите пораки ги оквалификува како многу врева за ништо. Според Фигел, во случајот Камчев постојат незаконски докази на што укажа и Народниот правобранител во последниот извештај во врска со нехуман третман и тортура врз Камчев уште во почетокот на неговиот сега веќе седуммесечен притвор. Камчев и натаму е во притвор иако неговата одбрана постојано алармира дека неговата здравстена состојба е многу лоша.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста