Фетаи: Бомбите на Заев не ја сменија вистината во „Монструм“

По се изгледа нова вистина за случајот Монструм нема, иако првиот човек на Владата Заев од позиција на лидер на СДСМ пред повеќе од 5 години тоа го најавуваше. На завршните зборови на случајот за грозоморното убиство кај Смилковското езеро, обвинителката Фатиме Фетаи побара обвинетите да бидат осудени и нагласи дека не треба да биде дадена пониска пресуда од доживотна. Таа одлучи да го запре гонењето на обвинетиот Сами Љута бидејќи обвинителството не обезбедило доволно докази дека тој е вмешан во петкратното убиство кај Смилковоското езеро. Освен за Љута за кој немало докази, Алил Демири и браќата Африм и Агим Исмаиловиќ се обвинети за тероризам, а Фејзи и Хаки Азири за помагање во ова дело. Речиси исто како пред да бидат ослободени и судењето да почне од почеток покрај другото и заради прислушувани разговори за овој случај кои СДСМ ги даде во СЈО. Но бомбите не открија нова виситна.

Од прислушуваните материјали не произлегоа битни факти. Нужноста истите да бидат презентирани беше потребата за трагање по вистината, но и отфрлање на сите сомнежи кои се појавија низ годините.И покрај ваквото тврдење се отфрлија сомнежите дека постои друга вистина, на која, на еден начин, беше навлечена јавноста. Но, ниту прислушуваните материјали, ниту неговиот исказот, не ја смени вистината во „Монструм“
-рече Фатиме Фетаи.

А Заев ветуваше разговори чија содржина ќе дала многу одговори за случајот Монструм.

– Не ја знаат вистината, ни оние кои се наводно виновни за убиствата во овој процес, и оние кои што ги изгубија животите, односно сега нивните семејства не веруваат дека е така како што е претставено во јавноста, и тие ја сакаат вистината. Тоа што ќе го обелоденам се телефонски разговори и смс пораки, нема јас да го толкувам тоа, јавноста ќе го протолкува сама како и досегашниот процес. Таа вистина ќе даде одговори на многу прашања. Може овој процес нема да ги даде сите одговори, но ќе даде огромен процент одговори и ќе расчисти многу облаци кои сеуште надвиснуваат над овој процес-рече Зоран Заев.


Во завршните зборови за случајот Монструм обвинителката Фетаи ги побиваше и теориите кои се појавуваа во јавноста, па така зборуваше дека не се точни наводите дека возилото „опел омега“ е на полицијата и било подметнато како доказ, дека убиствата биле извршени на друго место, дека загрозениот сведок е наместен, како и дека Трајко Вељаноски има некаква поврзаност со случајот бидејќи наводно неговите деца се познавале со жртвите.

Во петкратното убиство на 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, а во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени сите шестмина обвинети.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените .По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење кое сега влезе во завршна фаза.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста