Фатени се неколку обиди за поткуп, казните се и до 10 години затвор

Полицијата трага по градоначалник на една Општина ОД југоистокот на државата поради давање предизборен поткуп. По аудио снимката која експресно се прошири на социјалните мрежи наводно се слуша глас на локален функционер,  како заедно со друг градоначалник прават план за предизборен поткуп на гласачи . Иако потврда сеуште нема дел од медиумите објавија дека  јавен обвинител веќе определил мерка притвор за двајцата,  полицијата направила обид да ги најде на домашна адреса , но  ниту еден не бил пронајден дома.

Од страна на полициски службеници се направени обиди за врачување покани за информативни разговори на повеќе локални функционери и активисти на една политичка партија од власта но истите не биле најдени дома, по што ќе следат дополнителни мерки – велат од МВР.

Инаку вчера и директор  на едно скопско претпријатие бил повикан во полиција да даде исказ бидејќи на фејсбук напишал објава во која се повикуваат гласачите кои сакаат да гласаат за една партија да го чкртнат името „северна“ на гласачкото ливче.

Деновиве беа пронајдени и лични документи на граѓани, кои ги чувал сопственик на продавница во еден град од источна Македонија, како залог за гласови за една политичка партија. Од МВР, истакнаа дека овој случај сега е во рацете на Јавното обвинителство.

Од Министерството за внатрешни работи најавија дека секој кој на било кој начин ќе влијае врз изборот на граѓаните, ќе биде повикан во полициска станица.  Од таму велат дека секое постапување кое е во спротивност со законите, ќе биде соодветно санкционирано, оти  казните за кривичните дела против изборите се во висина и до 10 години затвор.

Адријана Алексиеска