Фатен со мито во рака, заменик министерот за здравство си поднесе оставка

Објавена снимка на која заменик министерот за здравство во оставка Асим Муса на рака зема 50, а бара 1000 евра за да биде извршена операција врз пациент – повод за истрага. Муса експресно си поднесе оставка, а Основното јавно обвинителство отвори предмет што засега е во предистрага. Како што велат за Алфа од обвинителството, Муса треба да даде исказ.

-Преку меѓународна правна помош од Република Албанија ќе биде побарано да се обезбеди оригиналот на објавената снимка, како и да се утврди кој го снимил и кој го објавил видеото. Дополнително, во Основното јавно обвинителство Струга ќе биде повикан да даде исказ и заменик министерот за здравство, информираат од Служба за односи со јавноста во Јавното обвинителство.

Муса се правдаше на прес-конференцијата оти не се работело за поткуп, туку за пакет што треба странски државјанин да го плати ако сака да се оперира во Македонија. На новинарски прашања одби да одговара, се повлече дрско одговарајќи дека „се е јасно во видеото“.

А министерот Филипче кому над глава му виси истрага за случајот, во јавноста познат како „Рекет 2“ за злоупотреба на службена положба и обид да изнуди пари од странски инвеститор, го осуди случајот.

За досегашниот заменик на Филипче, Асим Муса, екипа на албанската телевизија Топ Чанел објави видео во кое се прикажува како тој прима поткуп од пациент од Албанија за да му заврши работа за операција во болница во Струга. Во објавата на телевизијата, се појаснува дека решиле „да го фатат на дело“ , откако до нив стигнале многу поплаки од пациенти кои тврделе дека докторот бара мито.

Сања Трајковска Ставров