Фалбите на Заев за најдобри економски резултати во Европа ги „збесна“ граѓаните

Македонската економија тоне, државата е во рецесија, а премиерот се фали дека сме биле најдобри во регионот. Наспроти Европската комисија, која ја коригираше својата прогноза за падот на бруто домашниот производ за минатата година од 3,9 на 4,9%, Зоран Заев тврди дека „блескаме“, но без ниту еден аргумент. Економијата се движи, и во 2020-тата кога во цел свет има пандемија, ние имаме едни од најдобрите резултати во Европа, рече премиерот.

  • Економијата се движи. И во 2020 година, кога во целиот свет има пандемија, ние имаме едни од најдобрите резултати на европскиот континент, рече премиерот Зоран Заев на седницата за пратенички прашања во парламентот одговарајќи за економската состојба во државата и за реализацијата на капиталните инвестиции во земјата.
  • Платата расте за време на пандемијата. Во овие години наназад 60 проценти е зголемена минималната плата. 30 проценти е зголемена просечната плата, сега е 27 илјади денари. 300 проценти социјално се помогнати граѓаните. 99 проценти буџетот ги наплати приходите, што само по себе е доказ колку економијата живее во државата благодарение на мерките, на транспарентноста, на помошта што ја дадовме. Тоа е патот по кој треба да продолжи државата, порача премиерот Заев.

А наспроти тврдењата на премиерот дека се живее одлично, граѓаните се мислат како да закрпат крај со крај. Пред камерата на Алфа се пожалија дека едвај преживуваат, оставени сами на себе. Тоа што Заев вели дека сме имале најдобри резултати во Европа, велат дека можеби е на сон, но во реалноста сликата е и повеќе од загрижувачка.

Во очекување на петтиот пакет антикризни мерки за спас на стопанството и граѓаните, Агенцијата за вработување регистрирала над 6.200 фирми кои ставиле клуч на врата, а 17.000 луѓе останале на улица. Ваквите бројки за бизнисот се загрижувачки. Според економистите, ако во земјава час поскоро не почне со вакцинација, стопанствениците не веруваат дека Владата ќе го издржи ударот, а фирмите ќе тонат уште повеќе.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста