Фајненс Тинк: Капиталните инвестиции на удар на ребалансот

Ребалансот на буџетот е донесен со задоцнување, а непродуктивните трошоци не се доволно скратени – реагираат од Институтот за економски истражувања Фајненс Тинк. Парите потребни за справување со Ковид-19 ни оддалеку не можат да се покријат со скратените расходи. Од намалените расходи се компензирале само 68% од парите неопходни за покривање на загубите од Ковид-19. Од Фајненс Тинк дури потенцираат дека очигледниот напор да не се скратат одредени тековни трошоци, може да се толкува како предизборен потег. Доказ за тоа биле скратените стоки и услуги за 8,7%, а трошоците за плати и надоместоци за само 1.4%. За сметка на тоа, дури 65% од вкупно намалените трошоци отпаѓаат на капиталните расходи, па затоа Фајненс Тинк смета дека капиталните инвестиции се најдоа на удар на овој ребаланс и покрај тоа што бизнисот бараше строго 100%-тна реализација и дури зголемување на клучните инфраструктурни проекти.

„За споредба, кратењето кај капиталните расходи е скоро двојно поголемо, 18% во споредба со иницијалниот план или 1.8% од буџетот за 2020 година. Последново не кореспондира со најавите за интензивирање на извршувањето на капиталните расходи, па дури и почнување планирани проекти за 2021 и 2022 во тековнава година. Кратењето на непродуктивните трошоци треба да биде радикално и одлучно, не само за да осигури фискален простор за финансирање на мерките сврзани со Ковид-19, туку и да испрати јасен сигнал дека државата води посветена и конзистентна фискална политика во услови на криза“

Наместо „еднократни дарови“ третиот сет мерки требаше да содржи покрупни, системски промени. Од пакетот мерки се гледа дека Владата не ги почитува работниците и ги става во втор план – реагираат синдикатите. Тие се особено незадоволни затоа што Владата не го прифатила нивниот предлог законски да им се овозможи сите работници кои на било кој начин останале без работа да добиваат надомест од АВРМ согласно работниот стаж. Наместо тоа, надлежните се одлучија за мерка за паричен надомест од само 2 месеци. Пакетот мерки не бил усогласен со нивните предлози. Тие сметаат дека мерките што ќе се реализираат преку платежни картички можат да предизвикаат малверзации при набавката и изработката на картичките. Бараат бескаматни кредити и за граѓаните, не само за фирмите, а реагираат дека „Викендот без ДДВ“ ќе создаде метеж во продавниците.

Третиот пакет мерки тежи 355 милиони евра. Тој вклучува делење ваучери за туристички патувања, платежни картички за пазарење, „Викенд без ДДВ“,награди во висина од 20% од основната плата им следува на здравствените работници, а компаниите ќе добијат помош од 200 милиони евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста