ФАЦ: Екперимент на Заев и Ахмети со новата влада

Во Македонија на сцена е разградување на парламентарниот систем и негово претворање во консензуална демократија во која е најважно етничкото потекло, анализира германскиот весник ФАЦ, за договорот за влада на Ахмети и Заев.

Што всушност значи консензуална демократија и дали е чекор кон федерализација, како што се шпекулира? Професорот Јован Донев вели дека ова за кое пишува ФАЦ е уште полошо.

  • Консензуална демократија значи нешто друго, посебно во балкански услови. Тоа може да значи дека буквално лидерите на етничките заедници во свои раце ги превземаат одлуките, они се пазарат едни со други. Она што ФАЦ го кажува е сосема нешто друго, тоа е комплетно напуштање на парламентарниот систем ваков каков што е, затоа што и во федерални држави имате парламенти, ова е нешто уште полошо – вели Јован Донев – професор.

Весникот го потврдува тоа што го кажува ДУИ, дека добиле премиер Албанец иако Заев вели дека тој имал целосен мандат, без 100 дена кога на чело на Илинденска ќе биде кадар на интегративците.

Договорот кој го постигнаа Заев и Ахмети за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот на владата, според авторот на ФАЦ, е експеримент.

Франкфуртер алгемајне цајтунг:

 „Договорот е сепак пресврт. Поделбата на власта меѓу словенските Македонци и Албанците достигнува едно ново ниво. Според Ахмети, тоа е придобивка за стабилизација на земјата“.

Во весникот македонците се наречени словенски македонци, професорот Донев вели дека тоа не се должи толку многу на договорот од Преспа туку на немањето национална солидарност на доминантното население.

  • Ова покажува нешто друго, одбегнувањето на терминот македонски народ,македонска нација, македонски јазик итн. Тоа покажува дека перцепцијата на авторот на овој текст и консултантите што работеле на овој текст, покажува дека во Македонија не постои нација. Важно е како они гледаат на Македонија, а не ние. Затоа што вие ако ги имате состојбите дека имаме промена на устав, без никаква одлука, насилно менувавање на устав, тоа покажува дека не постои сегмент за национална солидарност на припадниците на доминантната нација – вели Јован Донев – професор.

Во анализата на германскиот весник,  насловен Мултиетнички грабежи, пишува дека поделбата на власта во Македонија, некои ги потсетувала на случувањата во Либан. Донев вели дека ова сценарио е во игра уште од 90тите години, но сега започнало да се реализира. 

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста