НАЈНОВИ ВЕСТИ

Facebook профилот на Доналд Трамп oстанува блокиран – што значи ова и за другите светски лидери?

Facebook профилот на Доналд Трамп засега останува блокиран. Ова би требало да испрати порака до светските лидери и другите познати и влијателни личности кои ја користат социјалната мрежа.

Истите правила кои се однесуваат за сите корисници на Facebook треба да се однесуваат и на влијателните корисници. Влијателните корисници не треба да бидат под посебен сет на правила – вели Декс Хантер – Торик, портпарол на Надзорен одбор на Facebook.

Но, одлуката отвора повеќе прашања – кои се всушност тие правила и која e границата меѓу слободата на говор и моќта на технолошките компании.

Надзорниот одбор на Facebook кој е квазинезависно тело сочинето од новинари, адвокати и активисти утврди дека социјалната мрежа постапила исправно кога го блокирала Доналд Трамп по јануарските нереди во Конгресот. Одборот одреди рок од шест месеци за Facebook да донесе конечна одлука околу суспендирањето на неговиот профил.

Facebook на некој начин ја префрли одлуката кај Надзорниот одбор, но Одборот ја врати кај Facebook и вели: ова е на вас, мора да ги направите своите правила јасни и потоа да одлучите дали овој човек ги почитува или не – вели Ема Лонсо, Центар за демократија и технологија.

Одлуката наиде на мешани реакции – конзервативците го критикуваат Facebook а другите велат дека тој требало да добие трајна забрана.

Доналд Трамп без конкретен коментар, но упати општа критика до технолошките компании на неговиот нов веб сајт.

Од Центарот за демократија и технологија велат дека во прашање е комплексен однос меѓу слободата на говорот и заштитата на граѓаните.

Во меѓународното приватно право има силна заштита на слободата на изразување за сите. Но исто така има и одредници дека некои форми на говор всушност може да доведат до вистинско насилство во светот – вели Ема Лонсо, Центар за демократија и технологија.

Препораката на Одборот, сметаат дел од експертите, е чекор поблизу до креирање на построги правила што е особено важно во земјите со кревки демократии.

Мора внимателно да ги погледнат овие препораки зашто граѓанските активисти и нашата организација го велат токму тоа долго време, а тоа беше игнорирано. Резултатот е смрт и оштетени демократии. Имаат свои вредности, мора да ги почитуваат – вели Венди Вај, Глобален проект против омраза и екстремизам.

Топката е префрлена во рацете на Facebook. Компанијата се уште нема одлучено дали ќе направи промени во своите правила за објавување и дали ќе блокира профили со лажни вести и дезинформации дури и кога доаѓаат од познати личности и светски лидери.

Facebook има над 2.8 милијарди корисници или речиси половина од светското население. Останува најголема и највлијателна социјална мрежа, па неговиот пример веројатно би го следеле и другите.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста