Се уште не се знае дали летово ќе можеме да одиме на одмор во Грција, Бугарија и Србија, без потоа да бидеме во државен карантин 14 дена. Јасно е само дека голем број фактори ќе влијаат врз оваа туристичка сезона, а некои од нив се целосно непредвидливи. Грците се надеваат дека најблиските соседи ќе ја спасат сезоната и ќе ги наполнат вилите и хотелите.  Бугарите пак, се уште чекаат инструкции од европската комисија.

Но, за туристите од Македонија да одат на одмор во Грција  или Бугарија, прво треба да се отворат границите и да се воспостават здравствени протоколи по кои ќе треба да се водат туристите.  Сигурно е дека на плажите оваа година ќе се држи социјална дистанца, а земјите од регионот, гарантираат дека ќе се посвети целосно внимание на хигиената во хотелите.

Очекуваме нашите балкански соседи да одат на одмор со нивните автомобили. Но, прво мораме да ги почекаме одлуките за отворањето на границите и протоколите врз чија основа ќе работат туристичката индустрија и здравствените инспекции – истакна градоначалникот на Халкидики, Стелиос Валианос.

Упатства за летување во Бугарија ќе добиеме на 13ти мај, тогаш Бугaрската агенција за туризам ќе го издаде водичот за одмор во време на корона.

Србија ќе ги отвори границите на први јуни, но за сега, нема подетални информации дали при влез во државата ќе треба, посетителите да поминат државен карантин.

Доколку се оди според плановите, граничните премини би можеле да почнат со работа уште кон крајот на мај.

 

Дејан Трендов