Европскиот суд за правда ја замрзна полската постапка против Врховниот суд

Полскиот премиер, Матеуш Моравиецки потврди дека Полска примила официјално известување од Европскиот суд за правда за замрзнување на постапката со која Варшава сакаше да воведе промени во назначувањето и пензионирањето на врховните судии.

– Во последните часови примивме известување од ЕСП, можам да кажам дека по темелна анализа ќе доставиме одговор, изјави Моравиецки.

Европската Комисија започна прекршочна процедура против Полска поради реформата на полската влада на Врховниот суд со која се намалува возраста на која судиите треба да заминат во пензија. Брисел оцени дека тоа е обид од страна на полската Влада да ги отстрани неподобните судии.

Процедурата стигна до Европскиот суд за правда кој денеска одлучи да ја замрзне полската реформа.